Во Културно информативниот центар – Скопје, утре (9 август) со почеток во 20.00 часот ќе се отвори изложба на дел од делата настанати на првото издание на меѓународниот фестивал на алтернативна фотографија „Зрно“.
Станува збор за изложба на алтернативни фотографии – производ на работилниците на фестивалот, што во периодот 6-10 јули се одржаа на Матка крај Скопје под мотото „Да растеме заедно!“.
„Изложбата е од ревијален карактер и на неа може да се види игривиот дух полн со експериментирања на различните благородни фотографски техники, кој провејуваше за време на одржувањето на работилниците“, се вели во описот за утрешниот настан.
Водачи на работилниците беа Предраг Узелац и Ивана Томановиќ од Србија, Милош Звицер и Дејан Калезиќ од Црна Гора, Кети Талевска-Бакревска, Викторија Мачковска и Сашо Алушевски, од Македонија.
Најголемиот број учесниците се од Македонија, но имаше учесници и од Босна и Херцеговина и Србија.
Меѓународниот фестивал „Зрно“ се реализира во поддршка на министерството за култура, „Нетсетера – Скопје“ и „Скопско Смут“.
[Фото + видео] „Зрно“ ги спои љубителите на благородните фотографски процеси