Во рамки на културното лето „Cult + Alt + Repeat“ денес (9 август) со почеток во 18:00 часот, во дворот на Младинскиот образовен форум и Радио МОФ ќе се отвори изложбата „Јазик + Информациска контрола“ од Дафина Шекутковска.
„Јас сум физичар и уметник, не сум националист, и не припаѓам на ниедна политичка партија. Но бришењето на факти е закана за вистината и знаењето секаде во светот. Ценам различни култури, и оваа култура е напишана и отпеана во јазик. Овој јазик не е дијалект, и јас не планирам во иднината да зборувам на друг јазик дома… Во оваа изложба ќе имаме дела направени во мешана техника… а дел се инспирирани од значајни Македонски Поети како Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Ацо Шопов и Блаже Конески“, пишува во најавата за настанот.
Изложбата ќе биде проследена со перформанс преку кој, како што вели Шекутковска, ќе ги одговори прашањата „Зошто Европската Унија не го следи нивниот Договор за функционирање на Европската Унија, кој се однесува на културата, кој вели ‘Унијата ќе почитува културен, религиски и лингвистички диверзитет’?“, „Зошто Европската Унија како целина, нема влијание врз делата на една нејзина земја членка?“ и „Зошто Европската Унија игнорира лингвистичка наука и историски факти?“.
Концептот „Јазик + Информациска контрола“ понатаму ќе патува на различни локации во Европа, Азија и Америка.
Додека се одржува „Cult + Alt + Repeat“, во дворот на МОФ и Радио МОФ ќе има поставено два отворени штандови за размена на книги и облека, каде секој може да донесе нешто за донирање или да го размени со нешто друго.