Националната мрежа против хомофобија и трансфобија го осуди физичкиот напад врз претседателот на „ЛГБТИ Јунајтед“, Беким Асани во Струмица и побара од надлежните институции итно да го потврдат идентитетот и санкционираат сторителот на, како што велат, ова дело од омраза.
Според сведоштвото на Асани нападот се случил на 8 август 2022 година во центарот на Струмица, каде тој бил со волонтери од „ЛГБТИ Јунајтед“ на јавен настан за промоција на нивната организација. Едно возрасно машко лице на Асани почнало директно да му се заканува и да му дофрлува навредливи зборови, по што се упатило и му нанело телесни повреди, а групата на волонтери од страв избегала од местото на нападот.
„Според информациите изнесени од Асани на Фејсбук, постојат докази за докажување на идентитетот на сторителот на делото. Дополнително, известува дека полицијата не дошла итно по нападот, иако за настанот биле известени навреме и од нив било побарано обезбедување – кое не го добиле. Дополнително, Асани информира дека во самата полициска станица каде што подоцна се упатил, бил мета на дискриминација и навреда од страна на вработените. Хелсиншки комитет за човекови права, како членка на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија, испрати барање до СВР Струмица и очекуваме проверка и санкции врз сторителот на делото, како и во институцијата интерно за третманот врз жртвата од страна на полицијата“, велат од Мрежата.
„Имајќи предвид дека кривичните дела од омраза кон припадници на ЛГБТИ заедницата ретко добиваат правен епилог, инсистираме на итно и темелно постапување од страна на органите на прогон и целосно расчистување на овој случај. Треба да се има предвид дека игнорирањето на говорот и делата од омраза кон ЛГБТИ лицата и неказнивоста на сторителите на овие дела, води до продлабочување на недовербата во институциите, поради што многу вакви напади воопшто не се ни пријавуваат“, додаваат активистите.
Од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија апелираат институциите еднакво да ги третираат сите граѓани во државата и да престанат да придонесуваат кон јакнење на дискриминацијата и насилството на кое се подложени сексуалните и родовите малцинства.