Поетот и книжевен преведувач, Зоран Анчевски за неговата збирка „Збунети компаси“ е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска збирка помеѓу две фестивалски изданија што се доделува од страна на „Струшките вечери на поезијата“.
Анчевски го добива ова признание по втор пат, претходно тој ја доби истата награда за стихозбирката „Небесна пантомима“ во 2018 година.
„Збунети компаси“ е избрана за најдобра збирка меѓу двете фестивалски изданија од вкупно 39 пристигнати дела.
Поетската книга „Збунети компаси “ (Или-Или, 2021), е зрело и интимно, во извесна смисла и исповедно поетско, односно автопоетичко огласување на Зоран Анчевски. Книгата е доследно изградена како суштествено лирски, поетски израз во рамновесието на сензуалната доживелица на мигот и воедно мигот на медитативната сосредоточеност во наслушнувањето на душевните напливи. Лирскиот израз на Анчевски во оваа поетска книга се огласува од средиштето на длабоката вкотвеност во појавноста на светот што нѐ опкружува, среде нејзината мена, која е воедно и тежиште на јарболот на аксиолошката вертикала по која угоре заблазува и удолу, пред стрмоглавоста, зазира духот“, се вели во образложението на одлуката.
Анчевски досега има објавено девет поетски збирки што се наградени во земјава и странство. Тој има
објавено голем број есеи, критички осврти, и студија од доменот на книжевната теорија „За традицијата“. Приредил и превел на англиски јазик неколку антологиски избори македонска поезија и куса проза, а речиси .За неговото преведувачко дело ја добил највисоката национална награда за превод „Григор Прличев“. Учествувал на многу поетски фестивали во земјата и во светот.
Член е на Друштвото на писатели на Македонија, бил двапати секретар на македонскиот ПЕН
центар и негов актуелен претседател, а раководел и со УО на СВП. Живее и работи во Скопје.