ТИ: Студентите едвај добиваат информации за странски стипендии од факултетите

Студентите во земјава имаат намалени можности за студирање во странство, заради недостатокот на информации за странски стипендии од страна на факултетите, се вели во последниот глобален извештај на Транспаренси Интернешнл за корупцијата во образованието.

Според извештајот, повеќе истражувачи го користеле законот за слободен пристап до информации за да утврдат дали на студентите им биле дадени еднакви можности да студираат во странство. Истражувачите пратиле барања за информации до најголемиот универзитет во земјата, како и до Студентскиот парламент, Министерството за образование и до парламентот.

„Од информациите кои тие ги добиле утврдиле дека нема студенти кои добиле дополнителни дипломи од странство, дека нема членови на персоналот кои имаат  задача да ги информираат студентите за можностите за стипендии за студирање во странство и дека нема состаноци во рамките на факултетите да разговараат за студентската мобилност. Овие наоди, заедно со резултатите од фокус групите и интервјуата, сугерираат дека недостатокот на информации за можностите за мобилност, придонесува да дојде до ситуација кога децата на професорите или членовите на Студентскиот парламент имаат најголема веројатност да студираат во странство“, се вели во извештајот на ТИ.

Транспаренси интернешнл исто така нотира дека младите во Македонија имаат мал ангажман во антикорупциските активности.

„Истражувањата покажуваат дека речиси половина (46 отсто) од средношколците во земјата не се вклучени во дебатите, две третини не присуствуваат на предмети за кои се бара или поттикнува следење дневнополитички настани и постои алармантно висок процент од 81 отсто на студенти кои никогаш не учествувале во изборите за студентските тела“, се вели во извештајот.

Глобалниот извештај за корупцијата на образованието официјално ќе биде презентиран денеска во Будимпешта, по што ќе се одржи и дебата организирана од Transparensy International, на која од Македонија ќе присуствува и претседателката на Младински образовен форум, Дона Костуранова. Панел дискусиите може да ги следите во живо на следниот линк.