Пет проблеми кои ќе останат и по денешниот Меѓународен ден на младите

Денеска е тој еден ден во годината во кој младите ќе бидат во центарот на вниманието. Ќе се слави, ќе се празнува, ќе се доделуваат награди и ќе се водат дискусии. Младите ќе бидат дел од говорите на политичарите, од соопштенијата на институциите и организациите и од вестите на традиционалните медиуми. Ќе се ветат многу нешта и ќе се кажат многу убави зборови.

Но, веќе од утре, најголем дел од темите кои ја засегаат оваа популација повторно ќе се стават во втор план, како што се случува секоја година. Убавите ветувања, прославите и телевизиските рефлектори ќе згаснат, а проблемите на младите ќе останат.

На овој 12 август – Меѓународниот ден на младите одлучивме да ги издвоиме петте главни проблеми со кои се соочуваат младите. Преку потсетување на теми, текстови, анализи и истражувања кои сме ги обработувале претходниве години сакаме да дадеме една слика за тоа каде се младите во моментов и за тоа каде властите и институциите треба да го насочат фокусот за да се подобри нивниот статус.

1. Бесперспективност

Северна Македонија останува без млади лица. Тоа го покажа последниот Попис од минатата година кој откри дека последниве 20 години земјава изгубила 32% од младите на возраст помеѓу 15 и 29 години. Иако во бројка, најмногу млади „исчезнале“ од Скопје, процентуално помалите општини од истокот и западот се најпогодени од овој проблем. Маврово и Ростуше, Ново Село и Центар Жупа изгубиле над 60% од младите, додека уште пет други македонски општини имаат изгубено половина од младата популација.

Квалитетот на живот и неправдата е причина број еден што огромен дел од младите својата иднина ја гледаат надвор од С. Македонија. Една скорешна анализа покажа дека 40 проценти од младите би ја напуштиле државата поради степенот на корупција, додека над четвртина од младите сметаат дека квалитетот на живот им е влошен. Овој проблем особено ги погодува младите од руралните средини.

Последиците од пандемијата и растот на трошоците на живот сигурно ќе има само дополнително негативно влијание. Младинската невработеност беше еден од најголемите проблеми и пред пандемијата, а „новата нормалност“ само го продлабочи овој проблем. Во меѓувреме младите не се задоволни од платите и ригидното работно време.

Паралелно македонските граѓани се меѓу најнесреќните во регионот. Во последниот извештај „Среќата во светот“ земјава беше рангирана на 89-то место од 146 држави во светот и се најде на самото дно во регионот. Албанија и С. Македонија ги делат истите индексни поени, додека Бугарија е рангирана на 85-то место, Црна Гора на 75-то, Босна и Херцеговина на 67-мо, Грција на 58-мо, Хрватска на 47-мо место, а Србија на 43-то место.

2. Незастапеност

За да се спречи проблемот со иселувањето, една од најважните работи е младите да бидат вклучени во одлучувањето за нивните животи. Но, како пример, на последниот Преспа форум дијалог, кога дојдоа на ред младинските проблеми, политичарите си заминаа и го оставија младите да дебатираат во полупразна сала. Ова беше само една илустрација колку ниско ваквите теми котираат меѓу приоритетите на оние кои носат одлуки.

Ништо подобра не е ситуацијата кога се работи за народните претставници. Само 2,5% од градоначалниците и 17% од советниците се млади лица, додека во моментов од 120 пратеници само 9 се на возраст од 18 до 35 години.

Младите пратеници не се истакнаа нешто посебно во застапување на нивните врсници, додека младинските прашања се слабо застапени во Собранието. Паралелно со тоа младите покажуваат незаинтересираност за политичките настани и случувања во земјата, а истовремено сметаат дека воопшто не можат да влијаат врз тоа што и како работат властите.

Дел од атмосферата на панелот посветен на младите на Преспа форум дијалог 2022

Истражување на Фондацијата Вестминстер покажа дека 84% од младите сметаат дека не се грижат за нив и нивните потреби, додека 70% од младите сметаат дека актуелната влада не е доволно посветена на решавање на проблемите на младите. Кога младите биле запрашани во еден збор да ја опишат состојбата во С. Македонија, најчестите одговори биле: „криза, катастрофа, застрашувачка, предавство, хаос, лудило, безредие, преживување, бесцелност и трагедија“.

Невладините организации постојано потенцираат дека недостасуваат стратешки документи кои конкретно се однесуваат на младите, а и кога ваквите документи постојат фали нивна практична имплементација.

3. (Не)образование

Кога политиката размислува за младите, речиси целосно тоа го гледа низ призмата на образованието. Но, работите и таму се далеку од розови.

Министерството за образование и наука веќе со години е еден од владините ресори каде најчесто се менуваа министри. Последниве 10 години, на чело на оваа институција дојдоа осум различни министри.

Тоа водеше до бројни нереализирани ветувања и експерименти во образованието кои повеќе водеа кон конфузија, отколку кон решавање на напластените проблеми. Македонските ученици се на дното во регионот според ПИСА тестирањето, 5-ките кои се пишуваат во дневниците често се покажуваат како нереални, а поради иселувањето училиштата се во слободен пад со бројот на ученици. Пандемијата отвори бројни проблеми со квалитетот на наставата, додека земјава имаше двојно подолго затворање на училиштата во споредба со другите европски земји.

Ситуацијата не е ништо подобра ниту во високото образование. Македонските универзитети паѓаат или ги нема никаде на реномираните меѓународни рангирања, студентите се жалат на застарени методи на работа, а професорите потенцираат дека изворот на проблемите се ниските плати, лошите услови и недоволното вложување во науката. Студентите се плашат да пријават корупција, а иако се чувствуваат дискриминирани, тоа речиси воопшто не го пријавуваат.

Дел од овие проблеми требаше да бидат решени преку поголема студентска претставеност, но пандемијата и процедурите предизвикаа проблеми во работата на студентските лидери, а студентите реагираа дека не се информирани за работата на нивните студентски собранија.

4. Неефикасна администрација

И додека универзитетските процедури и понатаму се заглавени во минатиот век, младите се веќе во иднината – споени преку технологијата и интернетот тие се научени на брз и транспарентен пристап до услуги и информации. Речиси секоја административна постапка во С. Македонија бара лично присуство, печати и документи за кои се потребни денови па и недели и многу, многу нерви за да се завршат. Неретко и информациите и постапките кои би требало да можат да се најдат и завршат преку интернет не функционираат или се застарени, некои институции беа заглавени на Интернет Експлорер, а платформите кои се промовираат за дигитализација на податоци најчесто се забораваат по завршувањето на проектот.

фото: Радио МОФ

Една од големите реформи, која требаше да им го олесни животот на младите беше Законот за млади, дизајниран како алатка што ќе обезбеди поквалитетни политики за млади на сите нивоа, ќе го зајакне учеството на младите, ќе поттикнува волонтерство, младинскиот активизам и младинската работа. Две години по неговото стапување на сила Законот од голем број институции не се почитува, или, пак, функционира со бројни проблеми. Бројни општини немаат формирано локални младински совети, што е исто така законска обврска, а ретки се и службениците за млади, кои требаа да бидат првата контакт точка меѓу младите и институциите.

Европската младинска картичка, која беше најавена како легитимација која ќе овозможи разни попусти, привилегии и поголема мобилност на младите денеска е целосно заборавена од властите, попусти нема во огромен број градови, а граѓаните се жалат и дека на голем број локации не се прифаќа.

5. Токсична средина

И додека С. Македонија не може да се пофали со многу услуги за младите кои ги нудат високоразвиените западни држави, географијата, во теорија, би требало да понуди нешто што би било привлечно тие да останат во земјата. Голем број сончеви денови, пристапните убави реки и езера и раскошна природа е нешто што го нема многу често и во многу побогати држави, а е многу важно луѓето да се чувствуваат убаво во својата средина.

Но, неразбирливо е тоа што екологијата е една од најпроблематичните области во земјава. Катастрофалниот и смртоносен квалитет на воздухот, уништувањето на реките и езерата и несериозноста при заштитата на природата, од кои страдаат идните генерации, станува се` поважна тема која ги оптоварува младите.

Архивска фотографија од протестите пред Собранието во февруари 2019 година

Дополнително младите се револтирани кога сведочат на узурпацијата на јавниот простор, урбанизацијата на сметка на парковите и зеленилото, дивоградбите кои никнуваат насекаде и закони со кои се легализираат дивоградби, кои како да се прават по мерка на урбаната мафија, наместо на јавниот интерес.

***

Меѓународниот ден на младите, со одлука на Обединетите Нации, се обележува секоја година на 12 август. Се користи како можност за владите и другите да го насочат вниманието на младинските прашања ширум светот. На овој ден низ светот се одржуваат концерти, работилници, културни настани и состаноци со претставници на национални и локални власти и младински организации.

Меѓународниот ден на млади оваа година се одржува со кампањата „Бидете видени, бидете слушнати“, чија цел е да се промовира младинската вклученост и да се засили младинскиот глас во јавниот живот.

Даниел Евросимоски