Во четврток (18 август) во социјалниот центар „Дуња“ ќе се одржи проекција на документарниот филм „Живеј и остави да живеат“, што, како што велат организаторите, го адресира нашиот однос кон животните, обработувајќи ги етичките, еколошките и здравствените причини што ги мотивираат луѓето да станат вегани.
„Етиката и хуманизмот, климатската криза, болестите предизвикани од начинот на живот, скандалите со храната, сето тоа поттикнува сѐ повеќе луѓе да размислат околу сопственото јадење месо и производи од животни. Преку касапот што стана вегански готвач и преку сопственикот на фабричка фарма што неа ја претвори во прибежиште за животни од фармите – „Живеј и остави да живеат“ ги раскажува приказните на шест личности што одлучија да престанат да консумираат производи од животни поради различни причини и го покажува влијанието на таа одлука врз нивните животи. Она што го јадеме е важно за животните, за природата и, на крајот, за нас самите. Овој документарец, а и самото веганство воопшто, ни овозможува да излеземе од комфорната зона и да го преиспитаме и прошириме значењето на клучните концепти како експлоатација и доминација“, стои во најавата за настанот.
Документарецот ќе биде прикажан на англиски јазик, а по завршувањето на документарецот најавена е дискусија.