Еко-активисти во југоисточна Франција пополнија дупки на терени за голф со цемент во знак на протест бидејќи терените за голф беа изземени од забраната за наводнување за време на тешката суша што ја погоди државата. Активистите ги пополнија дупките на терените за голф во близина на градот Тулуза, нарекувајќи го голфот „индустрија на слободното време на најпривилегираните“.
Изземањето на терените за голф предизвика контроверзии бидејќи 100 француски села немаат доволно вода за пиење.
Голф играчи соопштија дека тревата на терените ќе се исуши за три дена без вода.
„Голф без трева е како лизгалиште без мраз“, се вели во соопштението и се додава дека на голф терените ширум земјата се вработени околу 15.000 работници.
Активистите за заштита на животната средина пак, рекоа дека изземањето од забраната покажува дека „економското лудило има приоритет над еколошкиот разум“.
Додека жителите не можат да ги наводнуваат своите градини или да ги мијат своите автомобили во најтешко погодените населби, терените за голф ги избегнаа ограничувањата низ целата земја.
Забраните се донесени на национално ниво, но спроведувањето е во дискреција на регионалните службеници. Досега само една област во западна Франција забрани наводнување на терените за голф.
Градоначалникот на Гренобл Ерик Пиол го критикуваше исклучокот за голф терените, велејќи дека овој потег „продолжува ги штити богатите и моќните“.
Сепак, остануваат некои ограничувања за голф терените. Наводнувањето мора да се врши ноќе, со не повеќе од 30 отсто од вообичаената употреба на вода.
Некои делови од реката Лоара практично пресушија, а во две третини од Франција е прогласена вонредна состојба.