„iKnow“ системот на УКИМ под хакерски напад, паднат е и сајтот на МОН

Системот за електронска поддршка iKnow на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ трет ден по ред не функционира, а причина за нефункционалноста е хакерски напад. Ова за Мета.мк го потврдија од ФИНКИ, факултетот кој се грижи за одржување на системот. Во меѓувреме, од утрово не е во функција ниту вебсајтот на Министерството за образование и наука (МОН), за што причините сѐ уште не се познати.

Студенти на факултетите на УКИМ веќе трет ден се жалат дека не можат да се најават на iKnow системот и да ги пријават испитите за претстојната испитна сесија која почнува веќе од следната недела. Дополнително, не функционираат ниту платформите за учење Teams и Courses, кои исто така се наоѓаат на истиот систем кој е цел на нападот.

Од ФИНКИ за Мета.мк информираа дека станува збор за „Distributed denial of service“ напад – ДДОС, за што службите и вработените добиле известување од страна на компјутерскиот центар кој се грижи за безбедноста на системот. Од таму уверуваат дека се справуваат со нападот, дека проблемот ќе биде решен и оти нема да има дополнителни последици по безбедноста на системот.

ДДОС нападот подразбира сајбер-криминал во кој напаѓачот го преплавува серверот со сообраќај за да ги спречи корисниците да пристапат до поврзаните услуги и сајтови, во случајов до iKnow системот на УКИМ.

Овој систем и претходно летово, за време на јунската испитна сесија, бил цел на напад од ваков вид. Напаѓачите е тешко да се откријат, информираа од ФИНКИ.

Системот iKnow не функционираше и пред десетина денови, кога студентите кои се обиделе да пристапат до него добиле информација дека „поврзувањето не е безбедно“ и дека „напаѓачите можеби се обидуваат да ги украдат податоците“.

фото: Студентарија (@studentarijamk)

Инаку, неодамна цел на хакерски напад беше и Фејсбук профилот на првиот универзитет во земјава, кога беа објавувани недолични содржини. Профилот на УКИМ на оваа социјална мрежа сега не постои.

Од утрово не е во функција ниту сајтот на МОН. Мета.мк упати прашања до Министерството за причините за нефункционирањето на вебсајтот, но до овој момент одговор не добивме.

Мета