Шумските пожари во Европската Унија уништија рекордни 700.000 хектари земјиште, што е најголема површина од почетокот кога е започнато следењето, соопшти денеска Европската комисија.
„Се соочуваме со многу тешко лето во Европа, а оваа година изгоре повеќе од 700.000 хектари земјиште, што е најмногу во овој период од годината од 2006 година“, рече европскиот комесар за хуманитарна помош и управување со вонредни состојби Јанез Ленарчич.
„Досега пет земји девет пати го активираа Механизмот за цивилна заштита на Европската Унија, а земјите-членки покажаа невидено ниво на солидарност. Ќе продолжиме континуирано да ја следиме ситуацијата преку нашиот координативен систем за одговор при итни случаи во Брисел и да ја мобилизираме сета потребна помош“, нагласи тој.
Координаторот на Европскиот информативен систем за шумски пожари (ЕФФИС) Хесус Сан-Мигел рече дека сушата и екстремно високите температури оваа година ја зафати цела Европа и дека ситуацијата е загрижувачка во целиот регион, додавајќи дека сезоната на пожари е на самата средина.
Според него, од 2010 година започнал загрижувачки тренд на ширење на пожари во централна и северна Европа, во земјите каде што инаку ги немало, како Романија, Австрија и Германија. Најпогодена од пожарите годинава е Шпанија, а потоа следат Романија и Португалија.
Покрај тоа, ширум Европа, сушата ги претвора некогаш моќните реки во пресушени речни корита или тесни потоци, што може да има драматични последици за индустријата, бродскиот транспорт и производството на храна и енергија во време кога владее недостаток на залихи, а цените растат поради руската инвазија на Украина.
На некои места, на реката Лоара чија вода се користи за ладење на нуклеарните централи во Франција, сега може да се поминен пеш, реката Рајна станува непроодна за бродови, што го оневозможува транспортот на стока низ Германија, а реката По има драстично пониско ниво на водата што е погубно за земјоделските култури во Италија.