Потребата за стратегиски документ за аудиовизуелната индустрија во Македонија, поттикнувањето на претприемништвото, финансиските извори за оживување на продукцијата и за унапредување на образовните програми се дел од заклучоците на конференцијата „Аудиовизуелните индустрии, одржливиот развој и културната разноликост“, што Катедрата на УНЕСКО при Високата школа за новинарство и за односи со јавноста ја одржа во петокот.
Учесниците посочија дека една сеопфатна стратегија треба да го земе предвид технолошкиот развој и конвергенцијата на филмската, телевизиската и индустријата за видео игри и мултимедија. Таа треба да овозможи поврзување на релевантните институции, но и професионално здружување за да се стимулира развојот на креативните индустрии.
Беше посочено дека домашната аудиовизуелна продукција може да се развива со создавање „старт-ап“ центри, различни стимулативни мерки, како и со државни фондови и други алтернативи извори. Европските фондови наменети за поттикнување на филмската и телевизиската продукција не се доволно искористени од македонските продуценти.
Во моментов речиси е невозможно да се процени уделот на креативните индустрии во вкупната економија. Отсуството на податоци во делот на филмската индустрија се очекува да биде донекаде надминато со новиот Законот за филмска дејност, кој ќе се применува од 1 јануари наредната година. Во телевизискиот сектор недостасуваат детали за домашната продукција емитувана на националните, регионалните и локалните телевизии.
Потребно е да се подобри состојбата со дистрибуцијата на филмови, обнова и изградба на нови кино сали, примена на законските обврски за телевизиско емитување на аудиовизуелни дела од домашно и европско потекло, како и да се оспособуваат нови кадри за аудиовизуелна продукција.
На конференцијата излагање имаа експерти за креативни индустрии од Словенија и Хрватска, а во дискусијата учествуваа претставници на аудиовизуелната индустрија и на релевантни државни институции од Македонија. Конференцијата е дел од проектот за мерење на економскиот придонес на аудиовизуелната индустрија во Македонија, поддржан од Фондот за културна разноликост на организацијата на УНЕСКО од Париз.