Центарот за управување со кризи (ЦУК) денеска информираше дека поради поројните дождови биле поплавени повеќе населени места низ земјава, а во меѓувреме од некои места биле евакуирани и жители.
Од ЦУК велат дека поројните дождови предизвикале поплавување на повеќе населени места, односно во селата Лажани, Дебреште и Житоше, а најкритично е во селото Лажани, каде поголем дел од селото е под вода.
„Водата има навлезено во куќите. За состојбата со поплавите запознаен е и Градоначалникот на Општина Долнени, ДЗС Прилеп и ПС Ропотово. До овој момент ЕЛС немаат побарано помош од ЦУК. Заради поплавувањето на подрумските куќи се врши евакуација на загрозените жители на с. Лажани со помош на трактори а ангажирани биле 2 багери, од ТППЕ Прилеп испратена екипа со 3 пожарникари со 1 теренско возило. Поголем дел од општина Долнени се без електрична енергија но не поради дефект туку превентивно, е исклучена струјата да заштитат луѓето и мрежата. Екипи од ЕВН се на терен и ја следат ситуацијата. Екипата од ТППЕ Прилеп работела на испумпување на вода од подрум во маркет во с. Лажани. До овој момент нема ниту повредени ниту настрадани“, соопштија од ЦУК.
По обилниот дожд во Виница, од центарот велат дека се пријавени 40 објекти кои биле поплавени, претежно во подрумските простории.
„Во интервенциите за испумпување од просториите интервенирале ТППЕ Виница со 3 ПП возила 2 пумпи и 12 пожарникари (користени се и пумпи од ДЗС), ТППЕ-Кочани со 2 мв, 3 пумпи и 6 пожарникари, ЈКП Солидарност Виница со 1 мв 1 пумпа 2 вработени, доброволно ПП друштво од Кочани со 1 пумпа и 2 доброволци 10-тина доброволци граѓани од Виница. Интервенирано е на 20 објекти а интервенцијата се уште е во тек. Најобилните поплави се случиле на влезот и излезот од градот. Сите релевантни фактори од ЕЛС, ДЗС, РЦУК, ПС се запознаени и биле на лице место. Се пријавуваат и материјални штети кои ќе бидат предмет на понатамошна обработка“, посочуваат од ЦУК.
Подруми, гаражи и куќи биле поплавени и на подрачјето на Општина Тетово, а истовремено била излеана и канализација од неколку шахти. Од Центарот за управување со кризи велат дека на патот кон село Фалише кај надвозникот и патот е во целосен прекин за движење. Истовремено, во прекин е и патот што води од стадионот до касарната.
„Поплавени се улица 141, улица Фуштанска, улица Илинденска ,улица 114 , улица Мирче Ацев, улица 121. Кризниот штаб е активен. ЈКП Тетово и општина Тетово се на терен со 2 багери и интервенирале на каналот што поминува низ село Мала Речица. Евакуирани се 10 жители од поплавени куќи во населеното Место викано Горна Чаршија. Градоначалникот на Тетово има доставено барање до ДЗС за помош и нивно активирање за испумпување на куќи и подруми. Во село Џерма во моментов е уништена куќа, а некои автомобили се блокирани. Според последните информации од ЈКП Тетово патот што води кон градот е прооден. Во расчистување на истиот се работелo во текот на цела ноќ и сообраќајот во моментот се одвива непречено“, додаваат од ЦУК.
Во меѓувреме, оттаму велат дека како резултат на невремето кое вчера го зафати Скопскиот регион, преку 112 биле пријавени откорнати олуци од кров на куќа на „Кеј 13 Ноември“ во Маџир Маало, оштетена фасада на куќа во Дебар Маало, како и откорнат лимен кров од зграда на 11-ката, каде кровот виси, со што ги доведува жителите во опасност.