ИЈЗ: Намалување од 22.7% на бројот на новозаразени со Ковид-19

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во новиот извештај за состојбата со коронавирусот за периодот од 15 до 21 август наведува дека е регистрирано намалување од 22.7% на бројот на новозаразени со Ковид-19 во однос на минатата недела, односно дека се регистрирани 2.686 случаи во 34 градови во државата.

Во истиот период, тестирани се вкупно 6.867 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 10.6% во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, односно 1.130 случаи или 42.1 отсто, а највисока инциденца е регистрирана во Делчево, каде има 353 заразени на 100.000 жители.

„Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години – 1.121 или 41.7%. Најмал број е регистриран кај возрасната група од 10-19 години – 86 или 3,2%. Во однос на претходната недела, се регистрира намалување кај сите возрасни групи, со најзабележително намалување од 36.3% во возрасната група 10-19 години“, додаваат од ИЈЗ.

Изминатата недела, од 15 до 21 август пријавени се 20 смртни случаи, идентично како и минатата недела. Најголем број од смртните случаи, од ИЈЗ додаваат дека се од Охрид – 5, а пријавени се и 4 смртни случаи од Скопје, по 2 од Велес, Струга и Куманово и по еден смртен случај од Струмица, Прилеп, Пробиштип, Штип и Гостивар.

„Во однос на возрасната група 18 починати се над 60 години и по еден од возрасните групи 50-59 и 40-49 години. Деветнаесет од пријавените случаи се починати во болнички услови и кај 19 се регистрирани коморбидитети“, додаваат од ИЈЗ.

Истовремено, со статус „оздравени“ се стекнале 3.197 лица во хоспитални услови или на домашно лекување, односно 14.6% помалку во споредба со минатата недела. Во текот на минатата недела пријавени се 647 реинфекции, со намалување од 11.1% во однос на претходната недела, посочуваат од ИЈЗ.