Збирката од три новели „Тупаница“ од Пјетро Гроси, вечерва, на 27 август, ќе биде промовирана во кафе- книжарницата „Буква“. Гостин на промоцијата ќе биде и наградуваниот италијански автор, Гроси, кој гостува во Скопје.
Со почеток од 20 часот, пред македонските читатели ќе бидат претставени трите новели застапени во збирката – „Тупаници“, „Коњи“ и „Мајмун, а промотерки на настанот ќе бидат италијанистките Ирина Талевска и Катерина Сотирова.
„Раскажани со штедлив и моќен глас што потсетува на Хемингвеј, Селинџер и Остер, трите приказни на Гроси го истражуваат обредот на премин од детски во возрасни години со кој секој од нас се соочил – и што значи да се биде човек во овие модерни времиња. ‘Тупаници’, ‘Коњи’ и ‘Мајмун’ се три моќни приказни за полнолетството на момчињата кои се соочуваат со реалноста и се борат да останат живи во машкиот свет“, велат од „Или-или“ во чие издание е македонскиот превод на делото.
Пјетро Гроси, писател и преведувач, е роден 1978 година во Фиренца, a моментно живее и работи во Тоскана. Во 2006 година ja објави книгата „Тупаници“, која стигна до финалето на многу книжевни награди, вклучувајќи ги и престижните „Viareggio“ и „Strega“. Книгата ги освои наградите „ Cocito Montà D’alba“, „Chiara“, „Fiesole Narrative “ за автори под 40 години, како и наградата „Pistoia del Ceppo“. Во 2010 година, англиската верзија на книгата насловена „Fists“, објавена од „Pushkin press“, беше финалист за наградата за странска литература која ја доделува „Independent“. Истата година авторот ја освои и „Campiello Europe Prize“.