Најмалку 30 луѓе се убиени во судирот меѓу безбедносните сили на Ирак и приврзаниците на влијателниот шиитски свештеник Моктада Ал-Садр во главниот град Багдат.
Властите информираа дека уште десетици други луѓе се повредени откако демонстрантите упаднаа во претседателската палата.
Насилството започна откако вчера Ал-Садр најави повлекување од политиката. Неговата политичка партија освои најголем број пратенички места на изборите минатиот октомври, но тој одбиваше да преговара со другите шиитски партии кои имаат поддршка од Иран за формирање на влада. Тоа резултираше во политичка криза која трае до денес.
Лекарските служби известиле дека 30 приврзаници на Ал-Садр биле убиени во престрелките, додека дополнителни 700 лица се повредени, пренесе Ал Џазира.
Во текот на ноќта избиле повеќе улични борби, а двете страни употребувале огнено оружје во еден од најнасилните денови во ирачката престолнина последниве неколку години.
Најголем дел од борбите се одвивале околу градската „Зелена зона“, локација во која се сместени владините објекти и странските амбасади.
Од безбедносните служби информираа дека дел од борбите биле помеѓу „Мировните бригади“, воена единица лојана на Ал-Садр и членовите на ирачката војска. Видеа кои се појавија на социјалните мрежи покажуваат дека во престрелките било вклучено и тешко оружје, како и ракетни бомби.
Мустафа Ал-Кадими, кој е сојузник на Ал-Садр и вршител на должноста премиер на Ирак, прогласи национален полициски час по немирите кои се појавија и во неколку други ирачки градови.
Тој го повика свештеникот да интервенира и да го спречи насилството. Ал-Садр, пак, најави дека ќе штрајкува со глад додека насилството и користењето на оружје од сите вмешани страни не прекине.
48-годишниот Ал-Садр е доминантна политичка фигура во Ирак последниве две децении. Неговата „Армија Мехди“ беше една од најмоќните паравоени единици кои се бореа против САД и ирачките владини сили по инвазијата во која беше срушен поранешниот лидер Садам Хусеин. Тој потоа оваа единица ја преименува во „Мировни бригади“ и таа до ден денеска останува една од најголемите паравоени единици, која сега е дел и од ирачката војска.
Ал-Садр во моментов е една од најпрепознатливите јавни личности во Ирак, откако се позиционираше како предводник на најголемиот дел Ирачани погодени од висока невработеност, рестрикции на струја и корупција. Тој има влијание брзо да мобилизира стотици илјади следбеници на улиците. Стотици од нив со месеци кампуваат пред парламентот во протест поради политичката криза.