„Има голем потенцијал да се развие книжевната сцена“ – млади поети го отворија Скопскиот поетски фестивал

Со поетско читање на „Отскочна даска“ на која настапија неколкумина млади поети, вчера во кафе-книжарницата „Буква“ неофицијално беше отворено годинешното второ издание на Скопскиот поетски фестивал (СПФ).

Иако главната програма на фестивалот што ќе се одржува наредните три дена започнува денес, вчерашниот настан беше задолжен да одреди кој млад поет од пријавените ќе чита свои стихови денес пред платото на Младинскиот културен центар заедно со етаблирани домашни и странски поети.

По вчерашното читање, гласање, па повторно читање и повторно гласање, бидејќи одлуката да се бира меѓу тринаесетмина млади кои го љубат стихот и не е баш лесна задача, Марија Велинова беше избрана од своите колеги денес да ги претставува ним и себе си во официјалната програма на СПФ.

Велинова најпрво се претстави со песната „Омарина што омалаксува“. По влегувањето во потесниот круг со гласовите на останатите 12 млади поети, Велинова беше избрана за победник.

Таа зад себе веќе ја има објавено стихозбирката „Разговорите што не можевме да ги имаме“, а за пишувањето вели дека не постои конкретна инспирација туку тоа е мешавина од други книги, цитати, слики, случувања и моменти.

„Бидејќи јас еве на некој начин полека навлегувам во тие кругови, оваа награда за мене претставува дека сум добредојдена и дека ќе можам да запознам повеќе луѓе и да го живеам тоа што го сакам. Сметам дека не само во Скопје, туку цела во Македонија има потенцијал да развие поетска сцена. И јас самата мислев дека нема многу современици коишто пишуваат поезија, но кога почнуваш да ги бараш луѓето, сфаќаш дека се многу повеќе, ете и сега 42 млади лица се пријавиле и тоа значи дека има многу повеќе од тоа што мислиме“, сподели Велинова за Радио МОФ.

Со ова се согласи и поетесата Ана Голејшка Џикова која е дел од организацијата на СПФ и која вчера заедно со поетот Ѓоко Здравески беше водител на настанот.

„Јас првпат во животот посведочив толку многу поезија во толку краток период. Ние направивме конкурс за ‘Отскочна даска’ на кој напишавме дека е потребно да ни праќаат песни луѓе на возраст од 16 до 25 години, а оставивме секој да пишува како што си милува. Пристигнаа дури 42, што е за мене прекрасно. Тоа се 42 глави, души и луѓе коишто сакаат да пишуваат. Од нив да има десте навистина добри, од тие десет, пет да се навистина упорни, ние веќе имаме книжевна сцена која ќе се развива, а добро е и што тука, на овој начин се вмрежуваме“, поентираше Голејшка Џикова.

Таа додаде дека тие како поискусна генерација поети сега треба да ги водат и подучуваат младите поети, бидејќи како што рече, „ветерот во грб“ е пред сѐ поддршка за луѓе коишто уште читаат и учат, особено бидејќи е многу важно постарите на помладите да им дадат пример, поддршка и совет.

Изборот од 42 да се извлечат 13 бил направен така што одлучувачите не комуницирале меѓу себе со цел на сите да им се даде еднаков простор да настапат на „Отскочна даска“. Покрај Марија Велинова, вчеравечер свои стихови читаа и рецитираа Андреј Медиќ Лазаревски, Викторија Ангеловска, Дамјан Златановски, Ива Петреска, Иван Николов, Ивана Јовановска, Лука Иванов, Љубица Петровска, Марија Јанчевска, Павлинка Ристова, Софија Тодороска и Филипа Сара Попова.

Шеширот во кој се собираа ливчињата со гласови

Освен поетското читање, вчера во „Буква“ беше отворена и ликовната изложба на колажи од српската мултидисциплинарна уметница Валентина Бакти која во јули беше на книжевна резиденција во Македонија како дел од резиденцијалната програма на издавачката куќа „Готен“.

Изложбата составена од фотографии и стихови, а именувана како „Сум страдал, ама убаво ми било“ својата инспирација ја влече од Скопје, бидејќи како што вели авторката, сите фотографии настанале токму таму, во главниот град.

„И ова издание очекуваме уште многу убави луѓе и убави познанства, убаво е кога може да имаме едно вакво убаво случување каде покрај поезијата ќе се претствата и спојат повеќе уметности. Јас навистина уживав во резиденцијалниот престој и многу сум благодарна за сето тоа што ми се случи овде, фотографиите на изложбата ги работевме заедно со Диме, но мило ми е што од нив направив нешто свое – колажите“, изјави Бакти.

Програмата на СПФ започнува денес со настанот „Во друштво на мртвите поети: како битник ‒ џез и поезија“, тематско поетско читање посветено на битничката генерација поети, на кое авторите во придружба на џез-музичарите Шамба и Сол ќе читаат своја поезија на начинот на кој тоа го правеле битниците. Денес ќе настапат поетите Андреј Ал-Асади, Јовица Ивановски, Делвина Крлуку, Мариета Дукиќ, Д. А. Лори, Митко Апостолов, Васко Марковски, Радмила Петровиќ од Србија, Сергеј Тимофеев од Латвија и Марија Велинова.

 

Ангела Бошкоска 

Фото: Радио МОФ