Отворениот курс „Кураторски пракси во контекст“ на Стокхолмската академија на уметности (СКХ) започна во Струга во рамки на обемната програма „Неврзани движења“ која се реализира од страна на Локомотива – Центар за нови иницијативи во уметноста и културата. Куратори на отворениот курс се професорката Тове Салмгрен (Стокхолмски универзитет на уметностите) и Билјана Тануровска Ќулавковски (Локомотива). Летната школа, „Курирање во контекст“ како дел од Отворениот курс, оваа година се одржува по трет пат и во иднина ќе биде интегрален дел од отворениот курс на СКХ.
Отворениот курс „Кураторски пракси во контекст“ се состои од неколку делови, и тоа:
1) Летна школа „Курирање во контекст“ интензивен курс со предавања, дискусии, претставување на локалната сцена, работилници, посети на локални иницијативи итн. во Струга, (28.08.-03.09.2022), 2) Компостирање, онлајн (03.10.-07.10.2022), семинари на читање, пишување и групни дискусии 3) Етика и политики на продукција, онлајн (07.11.-11.11.2022), предавања, и дискусии на теми поврзани со политика, културни политики, организација, застапување или како да се произведуваат, застапуваат и иницираат различни модели за презентирање и артикулирање на уметноста во специфични контексти 4) Развој на кураторски проект, период за саморефлексија и промислување. За овој курс секој од студентите ќе добие 7.5 ект.
На курсот учестувуваат 16 студенти од Европа, селектирани помеѓу шеесетина апликанти, од кои тројца учесници од регионот се стипендирани од „Локомотива“ и проектот „Неврзани движења“, додека останатите се поддржани преку програмите за студентска размена на Стокхолмската Академија за уметности. Исто така визитинг студенти на школата, се и посетителите на регионалната школа „Критични пракси направени во ЈУ (Critical practices made in YU).
„Програмата ‘Курирање во контекст’ нуди критичка перспектива преку која се про(раз)мислуваат кураторските практики во современите (изведбени) уметности во различни културни, социо-политички и економски контексти, а кои се активистички, самоорганизирани и плурални“, велат од „Локомотива“.
На „школата“ ќе се дискутира, рефлектира, теоретизира и практично ќе се прегледуваат различните кураторски практики засновани на (меѓународна) соработка, кои се надвор од дисциплинското разбирање на уметничката продукција, и кои нудат нови модели на дисеминација вон воспоставената пракса на презентацијата во црната или белата кутија и политиките на репрезенација.
„Курсот ќе ни овозможи да ги преиспитаме и да разбереме оние кураторските стратегии и практики кои се општествено свесни, активистички, ја поврзуваат уметноста со социо – политичките и економските домени и проблеми, создаваат подобри работни услови за продукција и дистрибуција на уметноста и критички ги позиционираат овие процеси и уметноста во јавноста“, изјавува Билјана Тануровска – Ќулавковски.
Покрај бројните предавања, презентации, работилници наменети за посетителите на школата, програмата предвидува и интеракција и запознавање со локалната независна сцена, како и отворено предавање за јавност на Бојана Кунст, филозоф, драматург и теоретичарка на перформансот.професорка на Институтот за применети театарски студии на Јустус Лајбиг Униврзитетот во Гисен, Германија. Исто така, со свои работилници во рамки на резиденцијалната програма „Критични движења“, на школата одржуваат уметниците Фрида Лау (Франција) и Елена Роус Лајт (САД), чии што уметнички истражувања „Транс пракси во секојдневниот живиот“ – на Лајт и „Пристапноста и пресметаноста во генеративните практики“ беа развиени во рамки на минатогодишното издание на школата „Курирање во контекст“.
Други професори и предавачи на курсот се: Сергеј Присташ (Хрватска), Тове Салмгрен (Шведска), Биљана Тануровска- Ќулавковски (Македонија) Силке Баке (Германија), Уна Бауер (Словенија), Рок Вевар (Словенија)Маријана Цветковиќ (Србија), Данае Теодориду (Грција), Јасмина Заложник (Словенија), Бојана Кунст (Словенија/Германија), Славчо Димитров (Македонија), Ана Ефраимсон (Шведска) и други.
Методите на работа на курсот се базирани на обезбедување на средина за соработка, поттикнување на самоорганизираните начини на работа и взаемни анализи, менторска размена и други пристапи кои ќе овозможат развој на знаењето преку процес на размена.