КСП Центар – Јадро објави конкурс за изработка на мурал на фасадата на центарот кој треба да биде реализиран во октомври 2022 година.
„Зошто мурал? Со овој отворен конкурс Јадро ја продолжува иницијативата за изработка на темпорални мурали кои ќе бидат изработувани на фасадата на центарот преку кои ќе се промовира уметноста во јавен простор а менувањетото на изгледот на фасадата ќе го истакне и промовира отворениот модел на инстиуцијата како простор во којшто постои плуралност на идеи и изрази“, соопштува Центар – Јадро.
Како насоки на конкурсот, од таму велат дека КСП Центар – Јадро е прв пример на модел на јавно-цивилно партнерство во земјава преку кој сакаат да покажат дека се можни и поинакви начини на дејствување, содружништво и поврзување.
„Дел од целите на соосновачот, Асоцијацијата Јадро, за формирање на установата од областа на културата КСП Центар-Јадро и нејзиниот простор кој е достапен и отворен за независната културна сцена се учество на заедницата, децентрализација, отвореност за нови социо – културни процеси, взаемна поддршка и солидарност“, соопштуваат од таму.
Според Центарот, новиoт модел на институцијата е од значење за културниот развој, но и за образованието, развојот на критичката култура и мисла, и новите облици на создавање социо-културни заедници.
„Оваа институција претставува пример на концепт за создавање професионална креативна заедница. Ваквиот вид установи на нов начин му пристапуваат на просторот и на начинот на неговото управување, користење и програмско осмислување , разноликост и инклузивност“, велат тие.
Тематски конкурост е отворен, а идејните решенија за муралот треба да ги отсликуваат основните начела/цели врз којшто се темели КСП Центар – Јадро.
Како технички податоци, на конкурсот право на учество имаат сите уметници кои се државјани или резиденти во Р С. Македонија. Уметниците можат да се пријават индивидуално или како групи/колективи.
Димензиите на ѕидот се 14х3,5 метри. КСП Центар – Јадро обезбедува средства за материјали за изработка на муралот како и авторски хонорар во износ од 20.000 ден. Планиран период за изработка на муралот е во периодот од 1 до 31 октомври.
За изборот ќе одлучува жири-комисија составена од истакнати професионалци од областа на културата.
Авторот/ите треба да приложат скици за муралот, краток опис за концептот како и кратка биографија во PDF документ со максимална големина од 5 MB на мејл адресата centar.jadro@gmail.com, најдоцна до 25 септември 2022г. со назнака Конкурс за изработка на мурал и податоци за авторот/ите (име, презиме, телефонски број).
За повеќе информации околу конкурсот заинтерисираните автори можат да ги контактираат Центар-Јадро на мејл адресата centar.jadro@gmail.com