Една од најбараните опции од корисниците, можноста за промена на твитови, конечно ќе биде достапна на Твитер, најавија од компанијата.
„Доколку забележите променет твит, тоа е бидејќи го тестираме копчето за уредување (edit). Ова веќе се случува и ќе бидете ОК“, твитнаа од компанијата.
Опцијата се очекува да биде достапна во следните неколку недели, првично за претплатниците на сервисот „Твитер Блу“, кој се наплаќа по 4,99 долари месечно.
Твитовите ќе можат да бидат менувани неколку пати во првите триесет минути по објавувањето.
„Твитер Блу“ во моментов е достапен во САД, Канада, Австралија и Нов Зеланд, но од компанијата велат дека првичните тестирања ќе бидат ограничени на една од овие земји.
Променетите твитови ќе се појавуваат со известување, време на промената и линк до историјата на менувањето на твитот. Од компанијата велат дека ова е со цел да „се заштити интегритетот на конверзацијата и да се создадат јавно достапни записници од тоа што е кажано“, соопштија од Твитер.
„Твитањето ќе биде многу подостапно и многу помалку стресно. Ќе можете да учествувате во конверзациите на начин кој ќе ви одговара и ќе продолжиме да работиме за вие да не чувствувате никаков напор правејќи го тоа“, додадоа од компанијата.
Еден од основачите на компанијата и поранешниот генерален директор на Твитер, Џек Дорси, претходно најави дека веројатно никогаш нема да има копче за менување твитови на платформата. Но, во април, Илон Макс кој тогаш планираше да ја купи компанијата, објави резултати од Твитер анкета во која 73,6% од одговорите се дека корисниците сакаат таква можност.