[Фото] Наместо со капачиња, конструкцијата за рециклирање во Тетово полна со секаков друг отпад

Не поминаа ни два месеца од поставувањето на конструкцијата за собирање капачиња во центарот на Тетово, а таа веќе е преполна со лименки, тетрапак амбалажи и пластични шишиња без капачиња.

Конструкцијата е поставена преку проектот „Активирај се навреме“ што под мотото „Секое капаче е вредно“ освен во Тетово во текот на ова лето постави неколку вакви конструкции во Скопје, Битола, Охрид и Делчево.

Конструкцијата за собирање капачиња во Тетово пред зелениот парк, веднаш зад Домот на култура, во близина на кружниот тек / Фото: Радио МОФ

Целта на проектот е собраните капачиња да се рециклираат, а средствата кои се обезбедуваат преку откупот за рециклирани капачиња се насочуваат кон детските одделенија во земјава на кои им е потребно реновирање и овозможување подобри услови за лекување.

Од иницијативата за Радио МОФ велат дека со проектот најпрво започнале во главниот град поставувајќи конструкција пред влезот на Зоолошката градина, а како што објаснуваат досега успешно ја наполниле и испразниле дури три пати во текот на летово.

„Кампањата има одличен одзив во Скопје веќе трет пат ја празниме и има доста интерес за истата. Од аспект на правилна селекција, моментално можеме да забележиме дека во Битола и Скопје најсоодветно се селектира и ретко може да се забележи други отпадоци освен капачиња“, велат од „Активирај се навреме“.

Конструкции поставени во Скопје / Фото: „Активирај се навреме“

Во Охрид поставени се две вакви метални кутии, една на плоштадот Мини Маркет и пред ресторанот „Letnica“ на самиот влез од Чаршијата. Ситуацијата во Охрид е слична на онаа во Тетово, односно, како што велат од инцијативата, граѓаните постојано вршат неправилна селекција па наместо капачиња фрлаат шишиња.

„Во Охрид за жал имаме некоја слична ситуација како во Тетово. Овие корпи се специјално наменети само за капачиња и никаков друг отпад. Се надеваме дека што поскоро ќе го решиме овој проблем како би имале подобар ефект од целата кампања“, посочуваат оттаму и додаваат дека веќе се испратени екипи во Тетово да ја испразнат преполната кутија од разните отпадоци.

Конструкцијата од денот на поставувањето (13.07) досега е преполна со секаков отпад освен со капачиња. На фотографијата снимена на 20 јули може да се забележи дека по една недела од поставувањето, кога сѐ уште со свежи букви ја пишува намената за собир и рециклирање капачиња – веќе има фрлено пластични шишиња.

Проектот „Секое капаче е вредно“ е иницијатива што успешно се применува и во други места од регионот. Неодамна Радио МОФ беше во можност да забележи полна конструкција и во местото Криопиги што се наоѓа во Општината Касандра на полуостровот Халкидики во соседна Грција.

Конструкција за собирање капачиња во Криопиги

Познато е дека селектирањето на отпадот е голем предизвик во Македонија. И неговото собирање воопшто. Пред една деценија, секој човек во просек во земјава генерирал по 382 килограми отпад, а сега секој од нас на годишно ниво создава по 452 килограми отпад.

Според Државниот завод за статистика, во Македонија во 2021 година се собрани 632.087, а создадени 896.066 тони комунален отпад. Ова значи, скоро четвртина од отпадот, 260 тони, не е собран, односно нема информации каде завршува.

Дополнителен проблем е селекцијата на отпадот. Најголем дел од комуналниот отпад што сме го создале, без било какво одвојување и фрлање во посебни контејнери, како измешано ѓубре завршува низ земјава. Односно, дури 522.914 тони од собраното ѓубре е измешан комунален отпад, па оттука се и иницијативите на разни еко-организации и активисти за поголема и поефективна селекција.

 

Ангела Бошкоска