Холандскиот град Харлем се подготвува да стави забрана на најголемиот дел од рекламите за месо од јавниот простор поради влијанието на оваа храна врз климата.
Градските власти ќе започнат со оваа мерка од 2024 година, а се верува дека Харлем ќе биде првиот град во светот кој ќе воведе ваква забрана.
Предлогот беше инициран од еколошката политичка партија „ГроенЛинкс“.
„Месото е многу штетно за животната средина. Не можеме да им кажуваме на луѓето дека има климатска криза и да ги охрабруваме да купуваат производи кои се дел од проблемот“, објаснува советникот Зиги Клаес, кој го изработил предлогот.
Мерката се соочи со голем број критики од месната индустрија, кои тврдат дека на овој начин се ограничува слободата на говор.
„Властите одат премногу далеку во нивното кажување на луѓето што е најдобро за нив“, изјавиле од Организацијата на месната индустрија.
Според Обединетите Нации добитокот генерира повеќе од 14% од сите стакленички гасови предизвикани од човекот, меѓу кои и метанот.
Градската власт на Харлем во кој живеат 160 илјади жители вели дека уште не одлучиле дали одржливо произведеното месо ќе биде вклучено во забраната за рекламирање.
Херман Броринг, професор по право на Универзитетот во Гронинген, вели дека забраната може да претставува кршење на слободата на изразување и да води кон тужби од продавачите на месо.
Околу 95% од Холанѓаните јадат месо, но повеќе од половина од нив не јадат месо секојдневно, покажуваат податоците на Холандската статистичка агенција.
Во Холандија, градовите Амстердам и Хаг веќе ставија забрана на реклами за авијацијата и индустријата на фосилни горива.