Најпознатиот светски графити-артист, Banksy ја отвори својата едномесечна изложба на графити во Њујорк со муралот наречен „Улицата е во игра“. Во согласност со таинствениот имиџ на познатиот уличен уметник, точната локација на неговиот прв графит од оваа изложба не е соопштена. Сепак, според последните информации, муралот бил набрзо пронајден на Менхетн, а делови од него биле украдени, само 12 часа по создавањето.
Веднаш по оваа информација, се појави вториот графит на улиците на Њујорк, кој е дело на прославениот британски артист:
Љубителите на уличната уметност кои ќе налетаат на муралите од оваа изложба можат да повикаат посебен телефонски број кој е испечатен на истиот ѕид, за да дознаат повеќе за делата.
Изложбата на Banksy е наречена „Подобро надвор отколку внатре“, а таа ќе трае цел октомври. Познавачите ја опишуваат како „резиденција на уметник на улиците на Њујорк“, а таа на Твитер се промовира со хаштагот #banksyny.
Артистот, режисер, политички активист и сликар, чиј идентитет и натаму е тајна, се појави пред десетина години во англискиот Бристол, со својот препознатлив стил на графити изработени со стенсили.
Пред неколку месеци, негов графит, кој претходно исчезна од местото каде бил поставен, беше повлечен од аукција во Мајами, откако се појавија дилеми околу неговото авторство и прашања како аукциската куќа успеала да го набави. Сликата подоцна беше продадена на приватна аукција во Лондон, за 680.000 фунти.