Високи 70 отсто од учениците биле сведоци на насилно однесување во нивните училишта, пренесува „Мета“.
Сепак, тие насилството не го пријавуваат од бројни причини, меѓу кои незнаењето кому или како да се пријави, а да останат анонимни, покажа истражувањето на тинк тенк организацијата „Аналитика“ кое беше спроведено во три средни училишта на територијата на Град Скопје – СУГС „Здравко Цветковски“, СУГС „Зефљуш Марку“ и СУГС „Шаип Јусуф“.
Наодите од истражувањето даваат поразителна слика за тоа колку и во каков облик се јавува насилството во училиштата – 62,7 отсто од учениците потврдиле дека насилството е често или постојано присутно во училишната средина. Најголем дел од учениците го препознаваат физичкото насилство, но според нив, присутни се и психичкото и сајбер насилството.
Според истражувањето, 82,3 отсто од учениците одговориле дека наставниот кадар посветува најмногу време на едукација околу насилството. На важната улога на наставниот кадар во креирањето на безбедна училишна средина укажува и тоа што 43 отсто од испитаниците рекле дека насилството најчесто било прекинувано токму од страна на наставниците.
Бојана Мијовиќ Христовска од „Аналитика“ вели дека согласно истражувањето, високи 83,6 отсто рекле дека девојчињата се почестите жртви на родово базираното насилство, кое заедно со родована рамноправност претставуваат едни од најгорливите теми во нашата заедница и во училиштата.
За да се спречи насилното однесување на учениците, пак, особено е важна континуираната и здрава соработка помеѓу родителите и училиштата, смета Тамара Мијовиќ Спасова.
Од „Аналитика“ додаваат дека училиштата се исклучително важни во процесот на препознавање и пријавување на случаите на насилство, каде истото може да се открие и спречи рано. Велат и дека е потребно на учениците да им се овозможи да учествуваат во донесување на правилата во училиштето, бидејќи на тој начин тие ќе партиципираат и подобро ќе ги разберат и почитуваат истите.
„Потребно е стручната служба да работи на развој на конкретни програми за подигање на свесноста за псотоење на насилството, на многу повисоко ниво. Потребна е едукација на учениците за превенција од насилство, што ќе придонесе во намалување на насилството во училиштата. За таа цел, клучно е континуирано да се вложува во личниот и професионалниот развој на наставниот кадар и стручните служби во училиштата, со цел истите да стекнат и развијат поголеми вештини и компетенции кои би придонеле во креирањето на подобра училишна клима“, велат од „Аналитика“.
Истражувањето било спроведено на репрезентативен примерок од 305 ученици во училишта со мешан етнички состав, а целта била да се утврдат видовите на насилство на кои се изложени учениците во средните училишта, согледување на улогата на наставниците во превенцијата и делувањето при насилното однесување во училиштата, но и на останатите чинители во образовниот систем – психолошко-педагошката служба, надлежните институции и родителите.