Италијанско-македонска ликовна изложба „Огледало – Лице в лице“ во Битола

Во Битола на 14 септември, 2022 година во Културен и информативен центар Битола – Офицерски дом, свечено ќе биде отворена изложбата на современа графика: „Огледало – лице в лице“ (Mirror – face to face).

Оваа изложба која во мај и јуни беше презентирана во Вила Калдоњо – благородничка сала (Villa Caldogno, Salone nobile) во Виченца, предизвика голем интерес кај публиката и ликовната јавност, а сега истата ќе биде пренесена пред македонската јавност.

Автори на изложбата се: Валерија Бертесина, истанат ликовен уметник и организатор и Владо Ѓорески, графички уметник и кустос.

„Mirror – face to face е исклучително значаен проект кој што се одржува секоја година и е целосно поддржан од УНЕСКО. Досега се претставени најзначајните автори од : Естонија, Чиле, Србија, Јапонија. Претставувањето на македонската ликовна уметност во рамки на овој проект, претставува многу значајно меѓународно признание на делата на македонските автори, како и репрезентативна соработка со италијанската творечка елита. Во Битола, во ексклузивните простори на Културен и информативен центар Битола– Офицерски дом, изложбата ќе биде поткрепена и со неколку пропратни програми“, посочуваат организаторите.

На манифестацијата ќе биде претставено најновото уметничко творештво на над педесеттина истакнати автори од Италија и Македонија со околу сто нивни ликовни дела. Публиката ќе има можност да се запознае со најновите остваруввања на 30 автори од Италија: Серџио Биголини, Лука Бруно, Мартина Карола, Ана Коколи, Валентина Формисано, Паоло Гидони, Марцела Миранда, Масимо Спадари, Џовани Тедесчини, Марта Вивани, како и македонските уметници Атанас Фотев, Ладислав Цветковски, Славица Јанешлиева, Јана Луловска, Марија Светиева, Жанета Вангели, Илија Трајковски, Маја Анастасова, Сашо Блажес, Мирослава Цветковиќ, Домен Димовски, Валентина Илијевска, Стефан Јакимовски, Маја Киркова, Владимир Симоновски, Шкипе Мехмети, Горан Ристовски, Драганчо Таневски и Владо Ѓорески.

За изложбата „Огледало – лице в лице“ изготвен е каталог на над 100 страници, со текстови од Франческа Тресан претседател на УНЕСКО Италија, д-р Лили Бошевска- директор на ЈОУ Културен и информативен центар Битола.