Две Иранки осудени на смрт поради споделување на ЛГБТ+ содржини

Здруженијата за човекови права соопштија дека две Иранки се осудени на смрт поради споделување на ЛГБТ инклузивна содржина на социјалните мрежи, пренесува „Гардијан“.

Захра Седиќи Хамедани (31) и Елхам Чубдар (24), се осудени поради бројни прекршоци, одлучил судот во Урмија, иранска провинција во Западен Азербејџан.

Според „Хангау“, курдиска организација за заштита на човекови права, двете девојки биле осудени поради „промовирање на хомосексуалност“, „загадување со нечиста содржина“, „промовирање христијанство“, како и  „вмрежување со медиуми кои се спротивставуваат на Исламската република“. Девојките исто така биле обвинети и за трговија со луѓе, но од групите за заштита на човековите права велат дека ова обвинение е лажно.

Хомосексуалноста е нелегална во Иран и се казнува со смрт.

Седиќи Хамедани била уапсена во Иран додека се обидувала да ја премине границата со Турција, каде што се надевала дека ќе добие азил. Таа во мај минатата година се појавила во документарец на персиската подружница на „Би-Би-Си“, зборувајќи за злосторствата со кои се соочува ЛГБТ+ заедницата во полуавтономниот курдстански регион на Ирак, каде што таа живеела.

По објавувањето на документарецот Седиќи Хамедани била уапсена, подложена на тепање, електрични шокови и долготрајно седење во самица, соопштиле од „Амнести Интернешнл“.

Пред апсењето Седиќи Хамедани испратила видео порака до „6Rang“, иранска лезбејска мрежа во Германија.

„Секој момент можно е да сум уапсена, бидејќи знаат се за мене. Животот ми е во опасност. Ако не стигнам во Турција, многу е јасно што се случило“, изјавила таа.

Аршам Парски, ирански ЛГБТ+ активист кој живее во Германија, изјавил дека во поголемиот дел од пресудите на смрт врз ирански лица, тие најчесто се поврзани со големи злосторства како силување и нарушување на националната безбедност.

„Властите ги пумпаат обвиненијата за да ги претстават ЛГБТ лицата како опасни индивидуалци кои треба да се убијат“, нагласил тој.

Од „Амнести интернешнл“ посочиле дека во Иран е забележан раст на пресуди на смрт по опуштањето на ковид мерките.

Според групацијата, најмалку 281 лице било убиено во првата половина на 2022 година. Повеќето од нив биле осудени на смрт поради убиства, а од групацијата истакнуваат дека „забележани се документирани шаблони на системски осуди на смрт кои се изведени по објективно нефер судски процеси“.

„Не сакам да се разбудам и да откријам дека е предоцна – дека таа е убиена. Потребен е интернационален притисок“, изјавил Парси.