Со подигање на знамето на виножитото пред Палатата Србија во Белград, денес официјално започна манифестацијата Европрајд 2022, пренесува српскиот медиум „Н1“.
Горан Милетиќ кој е еден од организаторите на манифестацијата изјави дека денес за прв пат е подигнато знамето на Европрајд пред Палатата Србија и посочи дека тоа значи институциите треба да го извршат својот дел од работата што поскоро и дека не постои ниту една причина зошто законот да не почне да се применува веднаш.
„Бараме од луѓето во оваа зграда и владините институции да го завршат својот дел од работата, а прво што треба да направат е да го усвојат законот за истополови бракови“, рече Милетиќ.
Другиот организатор, Марко Михаиловиќ истакна дека се чувствува посрамено поради тоа што наместо овој град да биде почеток на величествена недела за Белград, тие се наоѓаат пред институција која не направила доволно за да го заштити уставното загарантирано право.
Кума на манифестацијата е српската хип-хоп изведувачка Ивана Рашиќ или позната како Сајси МС која изјави дека тоа е нејзина чест бидејќи така се чувствувала во последните 15 години.
„Последните неколку недели можевме да видиме колку оваа тема го поларизираше општеството. Се надевам дека атмосферата на линч во иднина ќе се намали за сите идни генерации и дека одржувањето на парадата ќе биде најнормално“, рече Рашиќ и додаде дека прајдот не е само прошетка туку и едукација.
Манифестацијата Европрајд 2022 треба да трае до недела (18 септември), а маршот е најавен да се одржи во сабота на 17 септември со почеток во 17:30 пред зградата на Народното собрание.
Европрајдот е најзначајниот европски настан на ЛГБТИ+ заедницата. Одлуката тој годинава да се одржува во Белград е позната уште пред три години со добивањето на лиценцата за одржување. Сепак, десничарските парламентарни партии, некои претставници на Српската православна црква (СПЦ) и неформални здруженија на граѓани во последниов месец преку маршеви и протести бараа забрана за одржување на парадата.
Владата на Србија соопшти дека манифестацијата нема да се одржи, но по денешното официјално отворање сè уште е неизвесно одржувањето на маршот во сабота како и програмата предвидена за неделава.