Јубилејното 10. издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ оваа година ќе се одржи во периодот од 18 до 21 септември.
Официјалното отворање на програмата во чиј состав влегуваат десетина писатели, издавачи и уредници од регионот и пошироко ќе биде на 18 септември (недела) во Даут-пашиниот амам во 20:00 часот.
„На годинашната добитничка на наградата ‘Прозарт’ за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот, македонската писателка Оливера Николова, ќе ѝ се придружат писателите Дамир Каракаш, Броња Жакељ, Владислав Бајац, Елена Алексиева и Томислав Османли. Нивното творештво ќе биде промовирано на отворањето“, се вели во најавата за претстојниот фестивал.
Во рамки на фестивалот ќе се одржи и разговор со хрватскиот режисер и сценарист, Рајко Грлиќ, чиј филм „Караула“ ќе биде прикажан на 21 септември во Кинотека. Разговорот со Грлиќ е предвиден да се случи на вториот фестивалски ден од 20 часот во кафе-книжарницата „Буква“. Истиот ден Пијан Славеј ќе одржи музички перформанс што ќе започне во 21:00 часот. Перформансот е дел од промоцијата на неговата трета поетска книга, „Полиграф“.
Понатаму, за време на литературниот фестивал ќе се одржи и тркалезна маса на тема „Литература/општество/критика“.
„Писателката и годинешна добитничка на ‘Прозарт’, Оливера Николова ќе има видео обраќање на третата фестивалска вечер, а најавените писатели ќе читаат извадоци од нивните дела. Во сеќавање на Луан Старова, ќе биде прочитан и извадок од негово дело. Меѓу гостите оваа година е и Владимир Бајац, првиот лауреат на наградата ‘Прозарт’, после десет години повторно се враќа на фестивалот како писател, но и како издавач, основач на издавачката куќа ‘Геопоетика’“, информираат од организацијата.
„ПРО-ЗА Балкан“ го организира „Прозарт медиа“.