На 91 година почина француско-швајцарскиот режисер Жан Лик Годар, клучна фигура за францускиот „нов бран“ – филмското движење кое ја револуционизираше кинематографијата кон крајот на 1950-тите и 60-тите години, пренесува „Гардијан“.
Веста за смртта на режисерот ја објавил францускиот весник „Либерасион“.
Најпознат по својот навидум импровизиран стил на снимање, како и непопустливиот радикализам, Годар остави свој белег со серија сè пополитизирани филмови во 1960-тите.
Жан Лик Годар е роден на 3 декември 1930, во Париз во богато семејство на швајцарски психијатар Пол Годар и Французинка Одил Моно. Годар се школувал во одлични училишта во Швајцарија, а во 1949 се запишал на студии по антропологија на Сорбона, но наставата никогаш не ја посетувал.
Тој станува дел од групата на млади филмофили во Париз, кои дејствуваат околу критичарот и теоретичарот Андре Базен и списанието „Филмски тетратки“ (Cahiers du Cinéma) во доцните 50-ти години на минатиот век.
Групата решава да го смени филмот на тој начин што самите ќе снимаат филмови, наместо само да пишуваат за нив. Метафорички, од улица влегле во кинематографијата за да го однесат, вратат филмот – назад на улица. Во групата биле Трифо, Годар, Лелуш и нивните пријатели, колеги и истомисленици – го предизвикаа новиот бран во француската и светската кинематографија.
Меѓу 1952 и 1956 година, Годар прекинува со пишувањето и заминува во Швајцарија да работи на брана, од заработката купува камера и со сопствени пари прави кус филм „Операција Бетон“. Следуваат уште неколку кратки филмови и се враќа на пишувањето за списанијата.
Во 1960 година го снима својот долгометражен фил „До последен здив“. Оттогаш па понатаму преку филмовите „Жената е жена”, „Малиот војник”, се препознава карактеристичниот француски нов бран.