Под мотото „Шуто Оризари – заборавена општина“ неколку стотици граѓани од ромската заедница синоќа одржаа протест пред Град Скопје за да го изразат своето незадоволство од дискриминаторските политики кои, според нив, градската управа ги има кон оваа скопска Општина.
Граѓаните, кои маршираа седум километри од центарот на Шуто Оризари до просториите на Град Скопје, на собирот се пожалија од неорганизираниот и неквалитетен јавен превоз во Општината, депонијата во Визбегово која е закана за цело Скопје, како и недостатокот на инфраструктура и зеленило.
Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш, кој беше еден од предводниците на протестот, посочи дека скоро цела година нема никаков контакт со градоначалничката Данела Арсовска.
„И ние Ромите заслужуваме чист воздух, нови климатизирани автобуси. И ние Ромите сакаме 20 улици. Шуто Оризари во последните пет години се урбанизира, се модернизира. `Шутка` не е повеќе она што е познато низ Скопје и пошироко. Се градат трговски центри, се модернизираат стари пазари. Шуто Оризари плаќа даноци и комуналии во Градот Скопје, и бараме тоа што го плаќаме да се реинвестира за Ромите таму каде што живеат. Не бараме милост или некој нешто да ни подари, бараме само тоа што ни следува“, рече Дудуш.
На протестот беа прочитани и барањата кои граѓаните ги упатија до Советот на Град Скопје и градоначалничката, кои инсистираат на првата следна седница на Советот да се стават точки за ревидирање на договорот за јавен превоз меѓу Градот и приватните превозници и пренасочување на приватните линии во други општини, со што 80% од градскиот превоз би се обезбедувал со автобуси од ЈСП-Скопје. Граѓаните побараа и реинвестирање на средствата од даночните обврзници на Шуто Оризари во самата Општина – преку изградба на минимум 20 улици во Шуто Оризари, нов парк, канализациона мрежа во месноста Бараки, спортски игралишта во Визбегово и Горно Оризари, огласи за вработување Роми во администрацијата и финансирање на спортски и културни друштва.
Присутните најавија дека доколку нивните барања на бидат исполнети, протестите ќе продолжат секоја недела.