Српската полиција го забрани маршот во рамки на белградскиот „Европрајд“

„БелградПрајд“ преку својот официјален Инстаграм профил соопшти дека одржувањето на маршот кој требаше да биде организиран во рамки на „Европрајд“ е забранет од страна на српската полиција.

„Денес, на 13 септември, српската полиција го забрани одржувањето на маршот при ‘Европрајд’, предавајќи им на организаторите и официјално решение. ‘БелградПрајд’ ќе ги искористи сите расположливи правни механизми за да ја повлече оваа одлука. Очекувајте повеќе информации  наскоро“, се вели во соопштението.

Кристин Гарина, претседателката на Асоцијацијата на европските организатори на прајд настани, од каде се добива лиценцата за Европрајд, изјавила дека полицијата чекала до последен момент за да го забрани „Европрајд“ маршот.

„Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ ќе земе учество на една од конференциите за човекови права во рамки на ‘Европрајд’ и барам од неа да објасни зошто не го исполнува нејзиното ветување од 2019 година кога Белград се пријави на ‘Европрајд’. Оваа забрана покажува тотален пад на нејзиното лидерство и комплетен неуспех на Србија да им ги исполни најосновните слободи на своите граѓани“, нагласила Гарина.

Таа дополила дека забраната е бесцелна кога веќе илјадници  припадници на ЛГБТ+ заедницата се веќе во Белград.

„Ние ќе се собереме во сабота, макар и без да маршираме. Ги повикуваме да ни се придружат сите лица кои ја поддржуваат ЛГБТ+ еднаквоста и човековите права. Ние сме тука и ние ќе се собереме“, заклучила таа.

Со подигање на знамето на виножитото пред Палатата Србија во Белград, вчера и официјално започна манифестацијата Европрајд 2022.

Европрајдот е најзначајниот европски настан на ЛГБТИ+ заедницата.

Одлуката тој годинава да се одржува во Белград е позната уште пред три години со добивањето на лиценцата за одржување. Сепак, десничарските парламентарни партии, некои претставници на Српската православна црква (СПЦ) и неформални здруженија на граѓани во последниов месец преку маршеви и протести бараа забрана за одржување на парадата.

Владата на Србија соопшти дека манифестацијата нема да се одржи, но по вчерашното официјално отворање сè уште е неизвесно одржувањето на маршот во сабота како и програмата предвидена за неделава.

 

 

View this post on Instagram

 

A post shared by EuroPride 2022 (@belgradepride)