Овојпат под името „Звукот на Скопје“, музичкиот фестивал „Звуците на чаршијата“ во организација на Културно информативниот центар (КИЦ) ќе се одржи следниов викенд, од 16 до 17 септември, а најавени се музички изведувачи од земјава и регионов.
„’Звукот на Скопје’ значи и нов, летен, open air фестивал, кој има намера да прерасне во ново скопско музичко жариште. Простор каде на голема сцена ќе може да се видат и етаблирани, но и нови групи кој сѐ уште ја бараат довербата од градот. Значи и промовирање на нови концертни локации, оживувајќи ги во културен контекст“, велат организаторите.
На првиот фестивалски ден, во петок, кога музичката програма ќе започне во 17 и 30 часот, најавени се настапи на Дина Јашари, Констракта и „Хајка“, додека низ чаршијата ќе настапат „Вива стрингс“ и германскиот бенд „Дијаз војтас дуо“ ), а во галериите на КИЦ ќе може да се погледне изложбата „Македонија“ (MACEDONIA) од бразилските уметници Даниел Kастинет и Вилсон Нето.
Ана Ѓуриќ, попозната под уметничкото име Констракта, регионалната слава ја стекна речиси преку ноќ, кога ја претстави Србија Евровизија со песната In corpore sano.
Констракта летово настапи на речиси сите фестивали во регионот заедно со нејзиниот матичен бенд Земја Грува, со кој ќе настапи и во Скопје.
Во сабота на Плоштад „Мајка Тереза“ ќе настапат бендовите „Брука бенд“, „Foolish Green“, „Бла бла бла“, Toни Китановски, „Љубојна“, додека на плоштадот „Ибни Пајко“ ќе настапат „Баклава“, Добрила и Дориан Дуо и „Перија“.
Во рамки на вториот ден на фестивалот ќе се одржи и изложба на колажи од Игор Калц која ќе биде отворена на плоштадот „Ибни Пајко“.
„Во изложбата на колажи ‘Егзотика/Еротика’ авторот на духовит и ироничен начин си поигрува со препознатливи визуелни елементи, креирајќи нова реалност“, истакнуваат организаторите.
Дополнително, на 17 септември ќе биде организирано и поетско читање како и претставата „Куферко, светскиот патник од Македонија“.
Влезот за сите настани е бесплатен, а деталната програма е достапна тука.