Од Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ упатија реакција за начинот на раководење и постапување при Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), велејќи дека институцијата се ставила во насока опструирање на активистите.
Од Здружението посочуваат дека АХВ оневозможуваат активности кои активистите со години волонтерски ги прават со цел помош и спас на животните и намалување на бројката на бездомни животни.
Оттаму нагласуваат дека, според нив, инспектори на АХВ одат по ветеринарни амбуланти и усно даваат забрани да ветеринарите извршат стерилизација и/или микрочипирање на бездомно куче, доколку им го донесе активист или граѓанин.
Ветеринарите под притисок од инспекции и казни, не стерилизираат и не чипираат бездомни животни, иако тоа е единствениот начин за воспоставување на контрола на популацијата на бездомни животни, помогната од страна на граѓаните. Бараме одговор веднаш, кој и согласно кој закон изигрува шериф, заплашува, спречува стерилизации кои ги плаќаме од сопствен џеб, оневозможува да чипираме/вдомуваме што е исклучиво во интерес на градот, граѓаните, државата – во интерес и на сите кои седат во институции, а ние им го одработуваме она за што се платени“, се вели во реакцијата.
Оттаму бараат институцијата и надлежниот директор да се оградат и јавно да ги осудат постапките, со кои според „Анима мунди“, бескруполозно се крши закон и нанесува штета на животните, граѓаните, целата држава.
Од Здружението посочуваат дека за првиот квартал од 2022 година имаат испратено 17 пријави до ветеринарните инспектори за неодговорно сопствеништво, брутално мачење и малтретирање на животни, изгладнување, не пружање на нега и помош, а дополнуваат дека ниту една пријава не е решена во корист на животното. Оттаму, тие прашуваат „Kому му одговара да има кучиња на улица?“
„Мачењето и убивањето на животните евидентно не ги интересира инспекторите на АХВ, ги нема никаде кога пријавуваме дека поединци или институции плаќани од народни пари прекршуваат закони, убиваат животни или ги држат нехумано; но се подготвени во секое време 24/7 да влезат во приватни домови на активисти, кои пријавувале нерегуларности во работењето на АХВ и кои со години години наназад на своја добра волја го решаваат проблемот со бездомните животни, преку згрижување, лекување и вдомување на истите“, велат од „Анима Мунди“.