Смеата доаѓа во многу форми, од учтиво смешкање до заразно кикотење. Научниците сега развиваат систем на вештачка интелигенција кој треба да ги „научи“ овие нијанси на хумор преку смеење на прав начин и во право време.
Тимот зад роботот што се смее, кој е наречен Ерика, вели дека системот може да ја подобри природната комуникација меѓу луѓето и системите на вештачка интелигенција.
„Сметаме дека еден од најважните функции на говорната вештачка интелигенција е емпатијата. Па затоа одлучивме дека еден од начините со кој робот може да покажува емпатија со корисниците е да ја сподели нивната смеа“, објаснува д-р Коџи Иноуе, професор на Универзитетот во Кјото и главниот автор на истражувањето објавено во Списанието „Граници на роботиката и вештачката интелигенција“.
Тој со неговите колеги презеле задача да ги научат нивните системи на вештачка интелигенција на „уметноста“ на вербалната смеа. Собрале податоци од повеќе од 80 дијалози на брзи состаноци меѓу студенти и роботот, кој првично бил теледиригиран од четири женски аматерски актерки.
При дијалозите се забележувале моментите на едностраното смеење, социјалното смеење (каде нема хумор, туку смеата е од учтивост или засраменост) и смеењето од воодушевување. Овие податоци потоа биле искористени за да се истренира системот за машинско учење да одлучува кога е право време да се смее и да избере соодветен вид на смеење.
Според аудио фајловите, алгоритмот ги научил основните карактеристики на социјлното смеење.
„Нашиот најголем предизвик во работата беше да се идентификуваат вистинските случаи на заедничко смеење, што не е лесно бидејќи, како што знаете, најчесто смеењето не е заедничко. Моравме внимателно да категоризираме точно какви смеења можеме да користиме во нашата анализа, а не само да претпоставиме дека на секоја смеа ќе биде одговорено со ист начин“, објаснува Иноуе.
Тимот ја истестирал „смислата за хумор“ на Ерика преку четири кратки дијалози кои ги разменувала со човек. Овие дијалози потоа биле споредени со сценарија каде Ерика не се смеела воопшто, или изразувала социјална смеа секојпат кога забележила смеа.
Клиповите биле пуштени на 130 волонтери кои оценувале колку алгоритмот покажувал емпатија, природност, сличности на човекот и разбирање.
Според авторите на истражувањето смеата може да помогне да се креираат роботи кои би имале посебни карактерни особини.
„Сметаме дека тие ќе можат ова да го прикажуваат низ нивното вербално однесување, како смеење, поглед, гестикулации и начин на говор“, вели Иноуе.
Тој сепак додава дека ќе треба да поминат повеќе од 20 години пред да биде можно да се води „нормален разговор со робот, исто како што се води со пријател“.