Да се воведе изборен предмет Сексуално образование во основните училишта соодветен за возраста и капацитетот на децата. За истото да се спроведе обука на наставниот кадар, јавноста да се едуцира за придобивките од имплементирањето на ваквиот предмет, а да се намалат дезинформациите. Да се зборува отворено за физичката, менталната и социјалната благосостојба и сексуалната ориентација.
Ова се главните цели што беа изнесени при денешното потпишување на декларацијата „Со сексуалното образование во училиштата до поздрава и побезбедна иднина“ од страна претставници, меѓу кои лекари, специјалисти и социјални работници од 15 стручни здруженија и граѓански организации.
„Претпоставувам дека на сите нас ни е повеќе дека зборуваме за млади луѓе кои се наоѓаат во на адолесценција и доживуваат бурни промени на сите полиња. Темите за сексуалноста и интимноста отсекогаш биле тешки теми за разговор, но тие се неделив дел од сите нас. Ако сакаме младите да израснат во сигурни и стабилни личност, неопходни се поддршка и разбирање, но и навремен пристап до научно потврдени информации и тоа во образовниот процес, за што всушност и за залага оваа Декларација“, истакна при своето обраќање прим. д-р Славица Гајдазис, директорка на Институтот за брак, семејство и системска пракса – Алтернатива.
Таа во своето излагање додаде дека верува дека воведувањето на сеопфатното сексуално образование (ССО) што се грижи за сексуалното и репродуктивното здравје во програма што би ги опфатила сите поврзани теми ќе обезбеди, како што рече, поголема инклузивност на сите млади луѓе кои на различни начини се различни од доминантната група и ќе обезбеди заложбата за менталното здравје да биде видлива и во пракса.
Една од претставниците присутна на денешната прес-конференција за новинари во организација на ХЕРА беше и Наташа Павиќевиќ Стојменовска, претставничка на Здружението на социјалните работници, која рече дека децата преку ССО може да добијат алатка која ќе ги поттикне да го ценат своето здравје, благосостојба и достоинство и ќе им помогне во процесот на себеидентификување.
„Би посочила дека во училиштата треба да постои кадар, стручни служби освен психолог, педагог, треба да имаат социјален работник. Децата во основно и средно образование најголемиот дел од времето го поминуваат во училиште, па затоа треба да се размислува во насока на екипирање на стручните служби кои ќе бидат компетентни и сензибилирани во поддршката на децата и на младите“, посочи Павиќевиќ Стојемновска.
На новинарско прашање за тоа дали и колку Министерството за образование и наука (МОН) и Владата се интересираат за воведување на програма и предмет во кој се опфатени темите за сексуалното и репродуктивното здравје, Бојан Јовановски, извршниот директор на ХЕРА посочи дека интерес постои, но засега тоа е само на хартија.
„Одредени политички задолжувања од страна на Владата и од страна на МОН во последните две години се дадени како документи и тие на хартија постојат. Проблем е да се спроведе истото во пракса, бидејќи тука ни се потребни институционални и финансиски ресурси. Декларацијата ќе биде испратена до МОН и до Владата, ќе имаме одредени средби, а работиме и со Бирото за развој на образование, со нив работиме на подолгорочна стратегија. Ќе видиме како сето тоа ќе се реализира во пракса, меѓутоа важно е да се каже дека ниту едно општество во однос на сексуалното образование не се движело брзо“, рече Јовановски.
Тој додаде дека се надева дека во следниот период, можеби и на следната прес-конференција до нив ќе седи и ќе се обрати и претставник од Министерството за образование и наука и Владата.
Сеопфатното сексуално образование веќе неколку години ја интригира јавноста. Досега беа воведени пилот програми, беа спроведени и обуки, а имаше и групи граѓани кои реагираа против негово воведување во училишните програми за деветтоодделенците.
Ангела Бошкоска