„Таксират“ повторно е номиниран меѓу најдобрите фестивали во Европа кои се вклучени во изборот за Европските фестивалски награди (Europe Festival Awards). Ова е петта номинација по ред на „Таксират“, кој воедно е и единствениот фестивал од Македонија кој влегол во конкуренција на најдобрите фестивали во Европа. Годинава „Таксират“ е номиниран во две категории, за Најдобар мал фестивал (Best small festival) и Најдобар фестивал кој се одржува во затворен простор (Best indoor festival).
Европските фестивалски награди се меѓународно признание насочено кон препознавање на напорната работа на фестивалските организации на кои се должи европската разновидна и енергична фестивалска сцена. Наградите се доделуваат во повеќе категории, од кои само за одредени одлучува тим на експерти од музичката индустрија кои ги вреднуваат стручните организациските елементи што се одвиваат зад сцената и за кои публиката не е секогаш свесна.
Во повеќето од категориите, вклучувајќи ги и двете номинации на „Таксират“, за наградите одлучува публиката, со онлајн гласање, со што фестивалските фановите имаат можност да им покажат на организаторите колку и каде најмногу уживале.
Гласањето е веќе отворено за јавноста и ќе се спроведува до сѐ до 1 ноември 2013 на овој линк . Во секоја категорија може да се гласа само за еден фестивал, а со секое гласање учесницикот влегува во извлекувањето за „Dream Summer“ наградата, со која најсреќниот добитник ќе биде награден со по две влезници за победничкиот фестивал од секоја категорија.
Победниците на Европските фестивалски награди ќе бидат прогласени на свечената церемонија која ќе се одржи на 15 јануари 2014 во Гронинген, Холандија, на отворањето на конференцијата „Еуросоник Нордеслаг“ (Eurosonic Noorderslag ).
„ТАКСИРАТ“ е најголемиот музички фестивал во Македонија, но и единствениот зимски музички фестивал во Југоисточна Европа. Низ годините фестивалот прерасна во собирен центар на десет илјадници посетители, а токму бината на „Таксират“ е местото на кое настапија најеминентните имиња на домашна, но и светска музичка сцена. Во рамките на својата програма, Таксират досега беше домаќин на бројни имиња, како: Manu Chao, Kaiser Chiefs, Parov Stelar, Skindred, Tanya Stephens, Buraka Som Sistema, Atari Teenage Riot, B-Real, Gentleman & The Evolution, White Lies, Juliete Lewis, Moonspel, Guano Apes, Кирил Џајковски, Fun Lovin’ Criminals, Хаустор, Laibach, The Stranglers, Wailers, Kreator, Iggy Pop & The Stooges, DJ Timo Maas, Kultur Shock, Тiga, The Roots, Marky Ramone, Neville Staple (the Specials), Buzzcocks, Onyx и многу други.
Оваа година „Таксират“ го прославува и својот петнаесетгодишен јубилеј во чии знак веќе се одржаа повеќе музички настани. Во тек се подготовките и за фестивалското финале на „Таксират 15“, на кое во декември се очекува офф-програмата и главната фестивалска вечер со повеќе значајни артисти од светската и домашна музичка сцена.