Во Кинотека на Македонија на 20 септември (вторник) од 20 часот ќе биде претставена изложбата „Сето време е сето време“.
„Изложбата претставува заокружување на истоимениот циклус фотографии снимени во Дрезден во 2018 и 2020 година: Првично избор од фотографиите беше прикажан во Скопје на изложбата „Дрезден: време / простор / лица“ како заедничко претставување на Иван Блажев, Александар Кондев и Матијас Шуман во 2019 година, а потоа и во Дрезден во 2020 година. Во 2021 година како самостоен проект во проширена форма беше прикажан во Белград на Белградскиот месец на фотографија, за сега повторно да се врати во Скопје, во досега најекстензивен изложбен формат придружен и со фото-книга во која сликата и текстот се во фантастична коегзистенција“, се вели во најавата.
Носечката тема на оваа изложба е градот Дрезден, но не само како лични, авторски, фотографски погледи на градот, туку и нивно преиспитување и постојано вкрстување со раскажаното низ текстот и избраните цитати од книгата Кланица 5 на Курт Вонегут.
„Од изложените фотографии евидентно е дека се работи за специфична стратегија која се обидува да ја погледне целината како едновремено соединување на различни временски слоеви на градот, низ неговите урбани контури“, стои во најавата.