Неколку стари бараки речиси целосно изгореа во пожар кој околу пладне избувнал на Булеварот „11 Октомври“ во близина на Тутунскиот комбинат.
Пожарот во моментов е ставен под контрола, а на местото можеа да се забележат неколку пожарникарни возила кои и понатаму го гаснеа огнот, како и засилено присуство на полиција.
Претходно на видеата и фотографиите кои се споделуваа на социјалните мрежи можеше да се види како голем густ црн чад излегува од бараките.
😳😳😳😳 pic.twitter.com/3mRLttTcSa
— Др Арсланагић (@ArslaJeMeniBog) September 19, 2022
„Интервенирано е со шест противпожарни возила и 20 пожарникари. Благодарение на брзата реакција на колегите, пожарот бил спречен да се прошири на соседниот објект и да се предизвика дополнителна материјална штета. Не би можеле да кажеме како настанал пожарот. Од она што ни беше кажано се работело за дел од напуштен објект, порано биле некои работни простории. Она што ни беше кажано е дека во објектот престојувале бездомни лица. Објектот беше пребаран, од она што првично можевме да најдеме внатре немаше лица, нема повредени, што е најбитно во целата интервенција“, изјави командирот на противпожарната бригада во Скопје, Звонко Томевски.
„До Општината, пред неколку месеци, до инспекциските служби пристигна известување дека во тие бараки диво има населено семејство. Од страна на службите се преземени чекори за семејството да биде иселено од просториите. Имаме информации дека тоа неколку месеци било диво вселено во просториите, но додека не заврши истрагата не сакаме да прецизираме кои се причините за настанување на пожарот“, рече градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
„Ова е трет пожар во Општината од како сум јас градоначалник, едниот беше во Парк, каде се запалија бараките на Судот, вториот беше во Треска и ова е сега трет пожар. Како што ни се информациите, причините и за трите пожари се исти – тоа се диво вселени граѓани, кои се причинители за пожарот“, додаде тој.