„Поминаа 10 години од првата Критична Маса. 10 години откако се собравме прв пат пред Зоолошка и решивме да возиме заедно велосипеди групно по улиците на Скопје и да покажеме дека нѐ има, дека и ние сме дел од сообраќајот и дека треба да се мисли и на нас и на сите потенцијални граѓани на точак кога се дизајнираат сообраќајните решенија“. Ова е дел од најавата за јубилејната Критична Маса која ќе се одржи во сабота од 11 часот, во организација на НаТочак.
Оттаму велат дека во изминатите 10 години се промениле многу работи, вклучително и тоа дека велосипедите се видливо побројни на улиците. Па така, од НаТочак велат дека по 10 години има ослободени јавни површини и тротоари кои со децении биле узурпирани од колите и претворени во паркинзи, но и дека има јавни површини кои биле ослободени, а се повторно узурпирани.
„Имаме пристојна велосипедска мрежа по главните скопски булевари и артерии. Но за жал, имаме сѐ уште новопроектирани улици и булевари со субстандардни тротоари и непостоечки велосипедски патеки. Имаме патна диета која што влезе во пракса и на градски булевари и од скоро и на општински улици. Веќе реализирани и во план и процес на реализација. Се одзема простор од колите и им се дава на велосипедистите. Пракса што пред 10 години беше мисловна именка. За жал некои од тие велосипедски ленти многу малку се употребуваат заради лошо проектирање и небезбедност. Не е доволно само да се одземе метар и пол од коловозите. Треба и тие метар и пол велосипедски патеки да бидат употребливи“, велат од НаТочак.
„Имаме субвенции за велосипеди на градско и општинско ниво, не само во Скопје туку во целата држава. За жал, цените на велосипедите растат кога субвенциите се објавуваат. И никој досега не го измерил ефектот на субвенциите. Што ако една патека има поголем ефект од стотици субвенции? Џабе ни се велосипедите, ако немаме каде да ги возиме. Имаме правилник за велосипедски патеки кој што едно добри 7-8 години седи во некоја фиока и не видел бел ден. Немаме вистински Ден без автомобили и настани за Отворени улици. Имаме задолжителни велосипедски паркинзи пред јавни установи, но немаме правила кои ќе гарантираат дека тие паркинзи се употребливи“, се додава во најавата за јубилејот.
Од НаТочак велат дека велосипедот веќе не е превозно средство само за сиромашните или средство за рекреација само на ентузијастите, туку, како што додаваат, станува афирмирано превозно средство за сите.
Истовремено, тие велат дека со последниот попис веќе се знае некаква бројка на луѓе кои го користат велосипедот како превозно средство, како и процентуалниот удел во целокупниот сообраќај. Врз основа на ова, од НаТочак велат дека може да се поставуваат таргети и со следни пописи да се мери прогресот на ова поле.
Дополнително, велат дека поминале долг пат, но дека не се ни приближно блиску до целта – „вистински безбеден и возлив велоград“.
„На 24 септември ќе славиме 10 години и некој месец од првата Критична Маса. Ќе го славиме унапредувањето на нашиот град и движењето во вистинската насока. Ќе ги славиме сите подобрувања што се случија во Скопје за да можеме пристојно да возиме велосипед. Но ќе се собереме и да ги потсетиме градските власти дека не сме ни приближно онаму каде што треба да бидеме и каде што можевме да бидеме за овие 10 години. И да ги потсетиме дека имаат уште многу работа. Дојдете сите, дотерајте се, земете ги децата, бабите, дедовците, комшиите, колегите, партнерите, жените, мажите. Да ја извозиме најголемата Критична Маса до сега“, стои во најавата за Критична Маса.
Критичната Маса почнува од плоштад „Македонија“, а ќе заврши пред Младинскиот културен центар (МКЦ) каде ќе настапи диџеј „Флудер“. Во МКЦ, исто така ќе биде поставена и изложба на сите досега создадени постери за сите изминати Критични Маси, како и останати изненадувања од минатите 10 години.
„Да направиме и една ретроспектива на инволвираноста на дизајнерската заедница во целата оваа приказна. Тие имаат огромен удел во популаризирањето на Критична Маса и возењето велосипед. А овие денови преку 10 тематски постови ќе потсетиме што е и што треба да биде направено за Скопје да биде квалитетен вело-град, ќе потсетиме на нашите заеднички битки“, додаваат од НаТочак.