Издавачката куќа ТЕМПЛУМ годинава, по петти пат го распишува конкурсот за македонски стрип „Лифт“, симболично именуван по списанието за стрип кое излегувало од 1996 до 2001 година, а денес е име и на угледна графичка едиција.
Наградата „Лифт“ се доделува еднаш годишно.
„Право да конкурираат за наградата имаат сите граѓани на Република Северна Македонија кои ќе ни испратат сопствени досега необјавувани авторски стрипови, до 16 табли (или страници). Значи, можете да ни испраќате и стрипови од една или две страници, но не повеќе од 16 страници“, велат од „Темплум“.
Наградниот фонд изнесува 500 евра, но во книги и стрипови, а фондот со свои изданија го обезбедуваат „Темплум“ и „Бункер“. Организаторите посочуваат дека се предвидени три награди – од 250, 150 и 100 евра.
„Најдобро оцененетите автор(к)и за таа сума ќе добијат изданија, по сопствен избор, на книгоиздателството ‘Темплум’ и на издавачот на стрипови ‘Бункер’. Ќе се потрудиме да организираме и изложба и објава во публикација на најдобро оценетите дела“, појаснуваат од „Темплум“.
Делата ќе ги оценува жири комисија составена од Јана Јакимовска, Владимир Трајановски и Никола Гелевски.
Рокот за испраќање на скенираните материјали по електронска пошта е до 1 ноември годинава на stripnagradalift@gmail.com.
„Целта на наградата е да ги промовира и афирмира овдешните стрип автор(к)и, но и да го унапредува стрипот како, кај нас запоставен, медиум. Втора важна цел е да придонесеме за развојот на македонската културна сцена и во поширока смисла, промовирајќи нови креативни актери, нови културни настани, поинакви пристапи и стилови на полето на културата – со што сакаме да придонесеме за плурализацијата и шаренилото на овдешниот недоволно развиен културен простор“, дополнуваат организаторите.