Конференцијата за социјален активизам „ENGAGE“ ќе се одржува на 24 септември од 17 часот во Куршумли Ан, а претпоследната говорничка на овогодинешното 11-то издание ќе биде новинарката Кристина Атовска.
Како единствена новинарка од Македонија која отиде да известува од военото подрачје во Украина, таа преку темата „Известување од фронтот во време на војна“ ќе се обиде да ги пренесе нејзините новинарски вештини, искуство, знаење и посветеност.
На единствената Конференција за социјален активизам „ENGAGE“, во организација на Радио МОФ и Младински образовен форум, домашни и странски активисти ќе споделат знаења и искуства на теми поврзани со активизам, социјална промена, слобода на говор, животна средина и технологија.
Освен инспиративните приказни и презентации, публиката ќе може да учествува во креативни работилници и да ги поддржи и се забавува со младите артисти учесници на „ENGAGE“.
Регистрацијата е веќе отворена и секој заинтересиран може да го пријави своето присуство преку следниов ЛИНК.
Инаку, во изминатите 10 години „ENGAGE“ стана еден од најголемите собири за поединци и заедници во нашата земја и тоа е единствениот настан за активизам кој е организиран континуирано секоја година. ENGAGE ќе обезбеди едукација, интеракција и инспирација за индивидуи, групи и организации чија цел е да го подобрат општеството во кое живееме.
Конференцијата е поддржана од National Endowment for Democracy.
Следете не’ за да ги дознаете сите имиња на овогодинешните учесници на „ENGAGE“. Сите детали ќе бидат објавувани на сајтот на Радио МОФ, социјалните мрежи и на веб-страницата на конференцијата www.engage.mk.