Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) нареди итно повлекување на неколку серии од виршлите „Вуди“, по добиено известување за пласиран небезбеден производ на пазарот во земјава, кај кои вo земја членка на Европската Унија било утврдено присуство на бактерија „Listeria мonocytogenes ST 155“.
Од АХВ соопштија дека кај компанијата увозник е извршен вонреден инспекциски надзор и утврдено дека од спорните серии, кои во земјава биле увезени во неколку наврати, во магацините се наоѓаат 3.030 килограми, кои се ставени под службен надзор. Количините на производот, од агенцијата објаснуваат дека нештетно ќе бидат уништени заедно со количините кои ќе бидат повлечени од пазарот.
„За небезбедниот производ преку RASSF системот на ЕУ известила Италија, која врз основа појавата на труење предизвикано со патогената бактерија Lysteria monocitogenes ST 155 ја креирала наведената нотификација која била поткрепена и со лабораториска анализа. Спорните серии од производителот Agricola Trevalli Soc Coap ARL од Италија во земјава биле увезени преку компанијата Колид С Тим од Колешино, Струмица“, соопштија од АХВ.
Истовремено, тие ги повикаа потрошувачите кои ги имаат купено посочените серии од производот да не ги употребуваат, односно, да ги вратат на местото каде се купени.
„Секоја недоследност во однос на безбедноста на храната граѓаните можат да ја пријават лично до Одделението за заштита на потрошувачите при АХВ, на бесплатната телефонска линија наменета за потрошувачите 0800 3 22 22, или електронски на info@fva.gov.mk“, посочија од Агенцијата за храна и ветеринарство.