Искусната новинарка на Си-Ен-Ен, Кристијана Аманпур, го откажа интервјуто со претседателот на Иран, Ебрахим Раиси, откако од неа било побарано да носи марама преку главата за нивната средба во Њујорк.
Аманпур посочува дека ниту еден поранешен претседател не побарал такво нешто кога бил интервјуирана надвор од Иран.
Таа додава дека дел од тимот на Раиси ова го побарал од неа поради „ситуацијата во нивната држава“.
во Иран веќе една недела има масовни протести поради смртта на 22-годишната Махша Амини, која починала под сомнителни услови во притвор откако била уапсена од „полицијата за морал“ поради несоодветно облекување во јавност.
Дел од јавноста обвинува дека полицајците ја тепале Амини со пендреци и дека и ја удриле главата од нивното возило. Полицијата ги отфрла овие обвинувања, посочувајќи дека таа починала од „ненадеен срцев удар“.
Демонстрациите брзо се проширија во повеќе од 80 ирански градови, а досега при протестите биле убиени најмалку 17 лица.
Интервјуто со Си-Ен-Ен требаше да биде прво на претседателот Раиси на територија на САД, за време на неговата посета на Генералното собрание на ОН.
Аманпур вели дека барањето за носење марама било упатено непосредно пред да започне интервјуто.
„Ние сме во Њујорк, каде нема закони или традиција за носење марама на глава“, напиша новинарката на Твитер.
Protests are sweeping Iran & women are burning their hijabs after the death last week of Mahsa Amini, following her arrest by the “morality police”. Human rights groups say at least 8 have been killed. Last night, I planned to ask President Raisi about all this and much more. 1/7
— Christiane Amanpour (@amanpour) September 22, 2022
Нејзиниот тим го откажал интервјуто одбивајќи да го прифати условот кој според неа бил „неочекуван и без преседан“.
Раиси беше избран минатата година, а во август потпиша указ со кој се воведоа нови рестрикции во земјата. Помеѓу новите правила беа воспоставени и камери за набљудување преку кои се врши мониторирање и казнување на жени кои не носат марами на главите (хиџаб), како и задолжителни затворски казни за Иранците кои би изразувале критики за правилата за носење хиџаб на социјалните мрежи.
Овие рестрикции доведоа до зголемен број на уапсени луѓе, но истовремено предизвика голем број жени да објавуваат слики или видеа како се појавуваат непокриени на социјалните мрежи, тренд кој само се интензивираше во деновите по смртта на Амини.