Приказните за маргинализираните групи како лицата без државјанство, бегалците, мигрантите и барателите на азил не стигнуваат на дневен ред во медиумите, а новинарите кога известуваат за такви теми треба да бидат ослободени од сензационализам. Ова е еден од заклучоците од дебатата насловена „Подигнување на свеста за правата на бегалците, мигрантите, лицата без државјанство и барателите на азил“ која се одржа денеска во склоп на Медиумскиот Фестивал Скопје (МФС).
Новинарот Сунаи Сабриоски кој меѓудругото работи и на теми за маргинализирани групи истакна дека новинарите многу често се фаќаат во клинч со сензационализмот, кога се во прашања теми кои задираат дури и во приватноста на одредена група граѓани.
„Последен случај ни беше, ако не се лажам еврејската група Лев Тахор. Отидовме до таму што мислам дека ги ‘разболивме’ во наводници луѓето до степен на тоа, да недостигаше уште матичниот број да се објави на луѓето. Некако повеќе се втурнуваме заради динамиката, флексибилноста и темпото на работа кон сензација, многу помалку кон обид за давање на реалната слика на тие луѓе кои што сигурно не одлучиле туку така да дојдат во Македонија“, рече Сабриоски.
Во меѓувреме, тој како пример го посочи и медиумското известување за пристигнувањето на авганистанските бегалци во Македонија, и истакна дека од известувањето се правело драма и шоу.
„Секогаш треба да ни проработи вредносниот суд, до каде ние можеме да посегнеме за да направиме одредена приказна, чии животи ќе уништиме ние, што навистина можеме да направиме на одредена група на граѓани“, рече Сабриоски.
„Треба да бидеме свесни и ние како новинари и политичарите што правиме. Оркестрирано шоу, па застанувавме, известувавме, еве пристигна авионот, се отвора вратата, првата група, еве жена има, бремена е, па колку месеци, каде ќе се породи, детето како ќе се вика… Толку многу банални работи за кои што во тој момент не си свесен. Но сметам дека треба да има некоја граница во известувањето, особено за оваа таргет група на лица без државјанство, на баратели на азил, на мигранти, бидејќи можеби имаме некакви стереотипи во нас, секако дека ги имаме, меѓутоа особено во професионалниот дел не смее да преовлада ништо што е премногу лично видување, субјективно“, смета Сабриоски.
Уредничката на дигиталниот медиум „Види Вака“, Христина Ѓорѓиевска нагласи дека како новинари многу често забораваат на нешто што е клучно во новинарската професија, односно етиката. Според неа, треба да се разбере дека новинарството се менува, исто како и технологијата и целиот свет.
„Многу ми пречи оној момент, кој што јас би го кажала застарен модел, тој сензационалистичкиот момент и први да објавиме, први да ја имаме информацијата. Многу е поважно како ќе ја раскажеш информацијата, што ќе пренесеш, каква порака ќе пренесеш, бидејќи социјалните мрежи некако го изгубија тој момент некако на објавување први, бидејќи може некој граѓанин сега на улица да земе и да сними тоа со лајвстриминг и тој прв ќе објави. Не е сега моментот на први да објавиме, моментот е како ќе ја раскажеме приказната“, рече Ѓорѓиевска.
Таа ја сподели приказната за Валентин Ракип, кој по долгогодишна борба доби македонско државјанство. Ѓорѓиевска посочи дека случајот, за кој известувале преку „Види Вака“ го следеле изминатите пет години.
„Приказната со Валентин еве после 20 години, кој што стана правновидлив во ова општество, ја следиме веќе изминатите 5 години бидејќи Валентин беше еден од продавачите на списанието Лице в Лице и го следевме од самиот негов почеток како продавач и го знаевме проблемот со кој се соочува изминатите години и децении од самото негово раѓање. Случајот кој што го работеа заедно и здружение на млади правници и ‘Паблик’, заедно со Лице в Лице, изминативе години се обидуваа правно да стане видлив Валентин, за среќа последниот месец успеаја да добијат матичен број и извод на родени кој што на Валентин му значеше премногу“, рече Ѓорѓиевска.
Како медиум, таа посочи дека се обидуваат да дадат глас токму на маргинализираните групи на граѓани.
Во меѓувреме, Кристина Озимец од ПИНА исто така нагласи дека секогаш се обидуваат да обезбедат дополнителен простор за да се следи темата за лицата без државјанство, бегалците, мигрантите и барателите на азил.
„Темата ја ставаме секогаш на фестивалот, скоро секоја година, секако сме имале и неколку документарци, еден од нив беше исто така и со Валентин, тогаш се уште немаше документи, но сега ситуацијата за среќа е друга. Така што, навистина веруваме дека ова е важно, ги гледаме кај дел од темите промените, одат многу споро, не доаѓаат секогаш, не доаѓа правдата секогаш, но преку случај како овој, гледаме колку е важно да се истрае“, рече Озимец.
Таа порача новинарската фела да се обиде и да ги натера и другите медиуми да обезбедат повеќе простор за ваквите теми.
Новинарката Милка Смилевска која беше модераторка на дебатата истакна дека новинарите мора да работат на тоа, луѓето кои донесуваат одлуки да сфатат дека секој човек во Македонија мора да се почитува.
„Секој има одреден капитал кој треба да има можност да си го искористи, да се развие на најсоодветен начин, тука пред се мислам на луѓето кои се без документи. Тие уште од старт се казнети што немаат документи и можеби еве, како новинари треба да размислуваме во таа насока и ова да ни биде инспирација. Јас за себе зборувам, малку да ја преиспитам таа процедура, како луѓето доаѓаат до документи, каде запнуваат работите, каде административно има едноставно кочница, малку истражувачки да навлеземе во темата и на тој начин да помогнеме“, рече Смилевска.
Според неа, кога се работи на овие теми мора пред се да се покаже човечката димензија на тие граѓани и, како што вели, едноставно да се избрише потребата за ставање на сензационализмот во се и сешто.
„Тоа е толку непотребно и да речам ја нагрдува нашата професија и мораме малку тоа ниво да го спуштиме, да се приземјиме и да ја сфатиме нашата вистинска улога, oвде генерално зборувам за сите медиуми, новинари пред се“, додаде таа.
Смилевска ги охрабри медиумите, а пред се помладите новинари да се занимаваат со вакви стории, затоа што на овие луѓе, од ранливи категории, како што рече, навистина им е потребна помош.
Мартин Колоски
Објавата е финансирана со средства на Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд, во заедничкиот проект имплементиран од Агенцијата на ОН за бегалци, УНХЦР и партнерските агенции на ОН. Нејзината содржина е одговорност на Младинскиот образовен форум и не нужно ги отсликува ставовите на Фондот, УНХЦР и партнерските организации на ОН.