Ученикот Дамјан Давков од Штип освои сребрен медал на Европската јуниорска олимпијада по информатика што е историски првиот медал за Македонија на оваа олимпијада која се одржува шест години по ред, соопшти денеска Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ). Покрај сребрениот медал, одличје олимписка пофалба освоија и Никола Стојковски и Владимир Грчев.
На олимпијадата која се одржува онлајн, со Украина како домаќин, од Македонија учествуваа учениците Благој Рујаноски Стојановски од Прилеп, Никола Стојковски од Скопје, Дамјан Давков од Штип и Владимир Грчев од Кочани, предводени од Миле Јованов и Мартин Динев од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).
„Натпреварувачите се натпреваруваа онлајн, во просториите на ФИНКИ, под раководство на Владислав Бидиков, а дел од активностите беа спроведени во новиот ИТ хаб во Скопје – ‘Нетавил’. Македонските тимови при досегашните учества на оваа олимпијада имаат освоено 3 бронзени медали, а успехот на јуниорите ветува дека во иднина ќе имаме и одлични натпреварувачи за интернационалните натпревари на средношколско ниво“, се посочува во соопштението на ЗИМ.
Од здружението истакнуваат дека оваа година пред македонските информатичари се и Балканска олимпијада по информатика, на почеток на октомври во Букурешт, Романија и Европската олимпијада за девојки во Анталија, Турција во втората половина на октомври.
Дополнително, оттаму посочуваат дека патувањето на учениците до Романија ќе биде под покровителство на претседателот Стево Пендаровски, а додека циклусот натпревари и подготовки на учениците е поддржан од ФИНКИ и општествено-одговорните компании „Мелон Технологии“, „Нетцетера“ и „Семос Едукација“.