На 27 септември (вторник) во „Чифте Амам“ во Скопје, во 19 часот ќе се отвара изложбата „Доаѓаме со поклон“ на познатата уметница Шејла Камериќ, во соработка помеѓу фестивалот за критичка култура „КРИК“ и Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“. Кураторка на изложбата е Наталија Пауниќ.
Камериќ е родена во Сараево во 1976 година, а живее и работи во Берлин, Истра и Сараево. Студирала на Уметничката академија во Сараево и се занимава со теми што произлегуваат од нелинеарни историски наративи и лични приказни. Камериќ се фокусира на политиката на сеќавањето, облиците на отпор во човековиот живот и на особеностите со кои резултира борбата на жените.
„Претставувањето на делото на Шејла Камериќ во Скопје го разгледува долгогодишното портретирање на жените како вештерки и/или предмети. Алудирајќи на добро познатите тематски интереси на радикалниот феминизам, социјалистичкиот феминизам и постструктуралистичките гледишта, изложбата исто така има цел да расветли обични, домашни и познати секојдневни елементи и да им даде акцент на проблемите на кои обично не им обрнуваме многу внимание. Оваа намера е внимателно внесена во новата измена на централното дело на изложбата ‘Доаѓаме со поклон’, кое прикажува необично долга, тенка црвена ткаенина што почнува како типичен украс – панделка од женската долна облека и завршува така што ја заплеткува публиката со својата сопствена материјалност. Овој гест – претераното издолжување на панделката – си поигрува со идејата за предмет што и не е веќе предмет, туку има свој сопствен живот, своја сопствена волја и моќ“, се посочува во најавата за настанот.
Изложбата е во соработка со Националната галерија „Чифте Амам“, за која организаторите велат дека како и секогаш го промовираат современиот концепт на отворени јавни институции.
„Воедно, во рамките на изложбата ќе имаме ретка можност да го проследиме разговорот и претставувањето на Шејла Камериќ, преку кој ќе имаме привилегија да ги слушнеме мноштвото родови, политички, уметнички, естетски и социо-културни перспективи на уметницата. Преку разговорот ќе нѐ води кураторот, историчар и теоретичар на уметност и култура од Белград, Бранислав Димитриевиќ, но секако Камериќ ќе биде отворена и за прашања и коментари од посетителите на изложбата“, велат организаторите на настанот.
Целта на изложбата, според организаторите е да се отвори критичка дебата за влијанијата, дијалогот и полемичките перспективи на современата уметност и нејзината одговорност во преиспитувањето на важните општествени прашања, кои ги засегаат плуралните идентитетски стереотипи преку кои културата има опресивна и маргинализирачка улога, особено кога станува збор за читањето на родовиот, женски наратив.
„Изложбата ќе вклучува и дела пренесени од нејзината последна соло изложба во Белград, ‘Мајката е кучка’, други фотографски дела (‘Емабаразада’ и ‘Непознато’), како и дела од сериите ‘Мажена’, ‘Исчезната’ и ‘Дигитални актови’. Исто така, ќе содржи и едно ново дело, ‘Градина со рози’, кое продолжува со истражувањето на формалната линија што ни е веќе позната од ‘Мажена’, истовремено носејќи ја заробеноста на женското тело во различна насока. Плетените цвеќиња или поточно рози (цветови исполнети со симболичното значење на љубовта, моќта, убавината, сексуалноста, мистицизмот и жртвувањето) веднаш нè потсетуваат на ‘Hortus conclusus’, мотив од христијанската иконографија, популарен во доцниот среден век и раната ренесанса. Како што тврди Лиз Херберт Мекевој од Универзитетот ‘Свонси’, ‘Идејата да се заштитат жените од грев е неискрена, иако сеприсутна. Во повеќето култури на женската сексуалност се гледа како на опасна од страна на мажите. Со нејзиното затворање тие ја спречуваат таа закана, а истовремено се преправаат дека ги заштитуваат жените од мажите’“, стои во најавата за настанот.