Семејствата со месечни примања над 40.000 денари во Скопје се најголемите загадувачи на воздухот, и кај нив најмногу треба да се влијае на промена на свеста. Ова е еден од заклучоците на истражувањето „Справување со загадувањето на воздухот преку минимизирање на енергетска сиромаштија и промовирање на про-еколошко однесување“, кои денеска ги соопшти претседателката на Македонската платформа против сиромаштија (МППС), Билјана Дуковска.
Дуковска истакна дека во генералното истражување класифицирале три социо-економски профили, од кои едната група на семејства со месечни примања до 25 илјади денари, втората од 25-40 илјади денари и третата над 40 илјади денари.
Според истражувањето, помеѓу трите профили има големи разлики во однос на потрошувачката на енергија, но и во однос на изборите и можностите кои ги имаат. Во истражувањето се посочува и дека моменталните мерки за намалување на загадувањето не се доволни бидејќи не ја таргетираат целата популација, туку само еден дел кој може да ги искористи.
Дуковска посочи дека во третата категорија над 40.000 денари има луѓе кои што имаат, можат и трошат пари и енергија, и кај нив може да се влијае да се подобрат навиките да не бидат конзумеристи, туку да се грижат за себе и околината, но и дополнително кај нив да се влијае со јавни кампањи или акции што би значеле олеснување на процедури и пристапи.
„Имаат најмногу можности да направат избор, имаат најмногу ресурси со кои што располагаат и се најголеми конзумеристи. Тоа што вие имате дома три клима уреди, и трошите многу струја и можете да ја платите, проблемот кај нас е што таа струја доаѓа од фосилни горива. Тоа немаше да биде толку голем проблем доколку употребуваме био-маса или био-гас, или нешто што е зелено, отпад, нешто што прави зелена енергија. Во овој случај, ние само ‘кај нас дома е чисто, ама таму некаде надвор сите дишеме од заедничкиот нечист воздух’“, вели Дуковска.
Истовремено, категоријата на граѓани чии семејни месечни примања се движат од 25 до 45 илјади денари е многу различна и разновидна објаснува Дуковска.
„Тоа се оние популарните, во кои што вперуваме прст и велиме тие најмногу загадуваат, горат гуми, шишиња итн.. и нели ‘ги мразиме’ затоа што ни го нарушуваат квалитетот на воздухот. Потоа се оние кои што имаат реално многу долгови, немаат можност за постојано да користат енергија, се греат исто така како ќе стигнат. Во првиве две групи значи тие немаат ниту пристап до централно парно греење, ниту пак печка или нешто кое што ќе гарантира и амбиенталниот воздух во нивниот дом да биде соодветен, што дополнително го нарушува нивното здравје, работоспособност, способност на децата да посетуваат образование итн..“, посочи Дуковска.
Во третиот профил на семејства со примања до 25.000 денари пак, претседателката на МППС вели дека се тие што имаат некакви приходи и се греат на парно, но кои немаат шанси да употребат нешто дополнително за затоплување.
„Тие се значи сите оние што се изоставени буквално од мерки за намалување на загадувањето. За жал, не ги зафаќа ниту социо-економскиот сектор, и нив им е оставено да преживуваат на начин на кој што самите можат да го направат тоа“, вели Дуковска.
Во меѓувреме, кај семејствата со приходи измеѓу, односно од 25 до 40 илјади денари, постои однесување кое не е многу штедливо и еколошко, но сепак внимаваат, поради тоа што немаат доволно ресурси да ги покријат сите барања и потреби.
„Тука е најважно интервенцијата да биде во субвенции, можности за енергетска ефикасност на домовите итн… Многу се разликува од првата, каде што вие морате социо-економски да ги зајакнете на едно ниво, да имаат барем минимални услови за живот“, посочува Дуковска.
Она што генерално недостига, според неа е рамномерен развој на градот, подобра инфраструктура, поголемо интер-секторско работење, како и државна и локална инвестиција и интервенција во системи за греење, системи за зелена енергија и можности за пристап на сите граѓани, рамноправно и солидарно кон еднакви, квалитетни и достоинствени услови за живот.
Претседателката на МППС одговарајќи на новинарско прашање рече дека во рамки на разговорите кои ги имале со луѓето со искуство во сиромаштија, нивната дилема е како да ја преживеат зимата, бидејќи до лани умееле да направат план, но оваа година поради порастот на цените, остануваат да комбинираат извори со кои располагаат во моментот.
„Луѓето кои што живеат во згради, веројатно нема да можат да направат ништо друго, освен употреба на струја дополнително и евентуално да не се исклучуваат од централното парно греење, што пак ќе им ги изеде парите како приход и ќе мораат да скусат на други работи што ќе им го наруши комфорот и квалитетот на живот. Овие кои што и досега собираа дрва и се грееја или користеа непознати материјали, немаат друга опција, ќе останат на тоа, бидејќи тоа е единствениот начин. Ние ќе го дишеме сето тоа што ќе биде испарување од сите оџаци во градот“, рече Дуковска.
Преку денешниот настан беа претставени резултатите од истражувањето на Македонската платформа против сиромаштија со идеја генералната јавност отворено да проговори за енергетската сиромаштија. Потоа целта е со материјалот и препораките од истражувањето да се направат заеднички средби помеѓу луѓето кои го имаат проблемот, но и помеѓу различни сектори и различни нивоа.
„За да се случи тоа, мора да постои прво стратешки пристап, второ политичка волја, значи не зборувам партиска, туку зборувам политичка волја, во смисла политика за намалување на загадувањето во градот, во кое што ќе се инвестираат различни фондови од различни места и ќе се влијае преку различни пристапи. Со оваа средба денеска сакаме да иницираме дискусија и еден процес на дизајнирање на намалување на загадувањето во градот“, децидна е Дуковска.
Мартин Колоски