Градежни машини вчера исекле здрави дрвја од дворот на зграда во центарот на Тетово. На фотографијата кои ја споделија активистите од „Тетово сака парк“ може да се види багер кој го чисти теренот на кој претходно имало зеленило.
Според информациите кои ги добиле граѓаните, Општина Тетово го расчистува овој терен за изградба на паркинг кој ќе се наплаќа.
Активистите од иницијативата на социјалните мрежи иронично прашуваат како локалната власт ќе обезбедува нови паркинг места кога ќе се исечат и последните дрвја во градот.
„Општина Тетово и Биљал Касами, добро, не` убедивте дека сте можеле да го уништите и тоа малку преостанато зеленило во градот. Па, од името на граѓаните, ве прашуваме:
– Дали местото кое до сабајлево беше со зеленило и дрвја е приватна сопственост?
– Дали станарите Ви дале согласност за сечата?
– Дали и овие дрвја беа стари и болни?
– Која е целта со сечата?
– Уште колку дрвја останаа за сечење во градот?
– До кога аматери и кусогледи луѓе ќе ги кројат општинските политики?
– Кога ќе го исечете и последното старо дрво во градот и кога ќе ги бетонирате последните тревници, како тогаш ќе обезбедувате нови паркинг места?
– Дали дури тогаш ќе сфатите дека упропастување на тие малку зелени површини во градот за да се обезбеди некое паркинг место плус, не е, и не може да биде решение за сообраќајниот метеж?“, стои во реакцијата на „Тетово сака парк“.
Општина Тетово последен пат, на сличен начин, ги разлути граѓаните во април кога при реконструкција на Улицата „Страшо Пинџур“ во градскиот центар беа исечени десетина стогодишни дрвја. Од општинската власт тогаш се правдаа дека дрвјата се сечат поради староста и дека ќе бидат заменети со нови.