„Не во медиуми, туку насилници во затвор“, „Срам да ви е“, „Монструми“, „Изгаснете го Информер“ скандира толпата граѓани во Србија, која денес се собра на протест пред седиштето на српскиот медиум „Информер.рс“, кој вчеравечер објави видео интервју со неодамна ослободениот повеќекратен силувач Игор Милошевиќ.
Милошевиќ беше пуштен од затвор месецов, по отслужување на петнаесетгодишна затворска казна поради повеќекратни силувања, грабежи и напади на жени.
Протестот пред медиумот е организиран од српскиот феминистички колектив „Женска солидарност“, кои денес, упатија и јавна реакција до „Информер.рс“, а притоа го најавија и денешниот протест.
Толпата граѓани од пред зградата на „Информер“ се префрлија на булеварот на Теразија, каде под прозорците на редакцијата извикуваа „Срам да ви е“ и „Бандо медиумска“, известува „N1“.
Освен активистите од „Женска солидарност“, на протестите присуствуваат и членови на „Движењето на слободни граѓани“ и „Не давимо Београд“. Демонстрантите носат и транспаренти на кои меѓудругото, пишува „На насилство не се ‘клика’, насилството се казнува“.
Анита Марковиќ, дел од „Женска солидарност“ за „N1“ изјави дека насобраните девојки и жени се бесни бидејќи медиумите повторно ги изневериле.
Sa današnjeg protesta. #nasilnikeuzatvore #slobodazazene #feminizam #solidarnost pic.twitter.com/MFoj8Teuek
— Ženska solidarnost (@ZSolidarnost) September 28, 2022
„Доколку медиумите прават вакви работи, тие се директни соучесници и вршат насилство врз жените“, истакна Марковиќ, притоа додавајќи дека на насилникот не му е место во медиумите.
Од „N1“ известуваат дека српското министерство за култура и информирање сè уште не се изјаснило по повод објавеното видео-интервју на „Информер“.
Во својата реакција, „Женска солидарност“ вели дека отстапувањето на медиумски простор на повеќекратниот силувач Игор Милошевиќ е уште една дехуманизирачка и мизогина пракса во јавниот простор.
„Претходните денови, начинот на известување на медиумите создаде атмосфера на парализирачки страв, па одговорноста за одбрана од потенцијалното насилство се префрла на жените кои меѓусебно се известуваат каде може да се купи солзавец или нож за да можат физички да се одбранат“, се вели во реакцијата.
Оттаму посочуваат дека од искуството при работење со жени кои искусиле некаков вид на насилство од мажи, а посебно сексуално насилство, се покажува дека жените во континуитет се оставени „на цедило“ од страна на системот.
„Наместо да ги заштитат и да донесат правда, институциите ги третираат жените како да се подеднакво виновни за преживеаното насилство. Наместо ширење на парализирачки страв и давање простор на насилници, медиумите имаат должност да го постават прашањето за женската безбедност и работата на институциите кои свесно на слобода пуштаат сериски силувач. Во склад со моќта и одговорноста која ја имаат, медиумите треба да вршат притисок врз институциите за тие да спречат ново насилство и адекватно да ги процесираат случаите на насилство“, реагираат од „Женска солидарност“.
Од колективот посочуваат дека медиумите повторно избрале да известуваат сензационалистички и со тоа индиректно да ја изберат страната на насилникот.
„Бараме сите јавни сервиси и надлежни служби да истражат како дошло до промоција на силувачот и продукција на видеото, во кое на Милошевиќ му е дозволено да ги опишува сторените силувања и експлицитно да соопштува дека самиот тој и понатаму е опасност за жените. Тој секако не е единствениот маж кој е опасност за женската безбедност, но тој е еден од кој можеме јавно и колективно да се заштитиме“ продолжува реакцијата.
Од „Женска солидарност“ бараат отстранување на видео-интервјуто од сите портали, а повикуваат во иднина медиумите да ги следат насоките за известување објавени од медиумското здружение „Новинарки против насилство“.
Дополнително, колективот побара на жените да им се обезбеди основната потреба за физичка сигурност во приватниот и јавниот простор и ниту еден таблоид да не се осуди да го експлоатира женскиот страв од машкото насилство.
NASILNIKE U ZATVORE, NE U MEDIJE❗
Protest ispred redakcije „Informera“ zbog objavljivanja intervjua sa serijskim silovateljem Igorom Miloševićem koji je nedavno pušten iz zatvora@ZSolidarnost pic.twitter.com/aJ2GzJfPdi
— Čuvari/ke vatre (@CuvariVatre) September 28, 2022
Protest ispred redakcije „Informera“ zbog objavljivanja intervjua sa serijskim silovateljem Igorom Miloševićem koji je nedavno pušten iz zatvora@ZSolidarnost pic.twitter.com/xQWTK1SFek
— Čuvari/ke vatre (@CuvariVatre) September 28, 2022