Навреме ќе почне грејната сезона во Скопје и жителите на главниот град ќе бидат снабдени со парно греење, основните и средните училишта ќе бидат дел од регулираниот пазар на струја, додека јавните здравствени установи ќе бидат обезбедени со електрична енергија преку ЕСМ по поповолна цена од берзанската. Ова доцна синоќа го соопшти премиерот Димитар Ковачевски на „вонредна“ пресконференција на која ги соопшти последните одлуки на Владата.
„На 15 октомври започнува грејната сезона. Парно за скопјани ќе има. Донесена е одлука за почнување на постапката за издавање на лиценца за производство на топлинска енергија од регулиран пазар согласно член 6 од Законот за енергетика на ЕСМ. Ги повикувам Град Скопје, Регулаторна комисија за енергетика и Комисијата за заштита на конкурентност во најбрзо време да дадат позитивно мислење, со што ќе се створат условите за целосно функционирање на ЕСМ со топланите“, рече Ковачевски.
„Во однос на електрична енергија. Домаќинствата и малите потрошувачи ќе добијат сигурна, стабилна и континуирана испорака на електрична енергија. 80% ја субвенционираме сметката за електрична енергија за 650 илјади домаќинства, а над 70 илјади компании и други правни субјекти (до 2 милиони евра годишен промет) ќе добијат субвенционира електрична енергија која е три пати пониска од берзанската. Дополнително донесовме одлука, на регулиран пазар да бидат и основните и средни училишта на територијата на цела држава, без разлика што обврската за обезбедување на образовниот процес е на самите општини. Исто така донесовме одлука со која сите јавни и здравствени установи ќе бидат обезбедени со електрична енергија преку ЕСМ продажба по поволна цена од берзанската. Затоа што грижата за граѓаните и обезбедување на здравствена заштита е императив на оваа Влада“, додаде премиерот.
Ковачевски посочи дека и покрај овие одлуки Владата и понатаму апелира до сите граѓани да се продолжи со мерките за штедење, бидејќи секој заштеден киловат/час значи и заштеда од македонскиот Буџет.
Премиерот повика веќе денеска пратениците од сите политички партии да го поддржат Законот со кој се обезбедуваат финансиски средства од Европската банка за поддршка на развојот, наменети за справување со енергетската криза, како и измените на Законот за енергетика и Законот за нафта и нафтени деривати и усвојување на кризна состојба.