Неколку илјади луѓе маршираа низ улиците на Рим, Милан и други градови во Италија во знак на поддршка на правото на абортус, за кое многумина веруваат дека ќе биде нападнато од екстремно десничарската партија „Браќа на Италија“ која победи на парламентарните избори во неделата.
На Меѓународниот ден на безбеден абортус, на маршовите во Рим и Милано беа истакнати транспарентите „Мое тело, мој избор“ и „Безбедно за секој“.
Се проценува дека во двата града имало по илјада учесници на овие протестни собири чија цел била да се испрати порака до веројатно идната премиерка Џорџа Мелони и нејзината партија „Браќа на Италија“ дека нема да бидат толерирани никакви измени на законот од 1978 година, познат како Закон 194, кој на жените им го гарантира правото на абортус.
Врховниот суд на САД ова лето го поништи преседанот стар 50 години со кој абортусот стана федерално право на жените, а многумина го сметаат тоа за показател за идните трендови во светот.
Мелони пред изборите тврдеше дека како премиерка нема да интервенира во Законот 194, туку дека ќе се залага за економска помош на жените кои ќе решат да не абортираат, туку да се породат.
Организаторите на протестот велат дека се плашат дека кога ќе дојдат на власт „Браќа на Италија“ ќе ја покренат „тријадата Бог-татковина-семејство“, согласно политичкиот манифест на Мелони.
Според нивните зборови, тоа ќе доведе до „ригидни родови улоги и ќе им додели задача на жените да репродуцираат и подигаат бела, патријархална, хетеросексуална нација“.
Италија дозволува абортус до 12. недела од бременоста, а потоа само доколку е загрозено здравјето или животот на жената. Законот, исто така го гарантира правото на лекарот да не изврши абортус, повикувајќи се на причини на совест.